Несторовски: Сакам да го спасам Палермо

Прилепчанецот има сериозна намера да стане прв стрелец на екипата во Серија А, но вели дека тоа би било џабе ако клубот од Сицилија не се спаси од испаѓање во втора лига за што ќе треба пеколна борба.

Шпицот на македонската репрезентација во неделата го постигна 9. лигашки гол за Палермо за победа против Кротоне. После постот од осум кола, Илија пак се врати меѓу стрелците.

По убавиот погодок против Наполи во гости за огромен бод, Несторовски е најзаслужен за трите бода на Палермо против директниот конкурент за опстанокот, Кротоне.

„Нема надеж без макотрпна работа, нема друг пат: само така ќе може да се спасиме од испаѓање до последното коло“, вели Несторовски за реномираниот Скај Спорт.

И покрај тоа што важи за најдобар играч кој го носи Палермо до важни бодови, некогашниот фудбалер на прилепска Победа и Интер Запрешиќ верува само во тимска игра.

„Мојата цел е јасна: да станам најдобар стрелец во првенството во дресот на Палермо. Затоа и верувам во опстанокот. Ќе зборуваме за една година. Се гледам уште овде, апсолутно се гледам во Палермо и во иднина. Македонија и Палермо се моја најголема љубов и не сакам да ги разочарам“, додава Нестогол кој го носи бројот 30.

Сицлијанците досега сезонава имаат 3 победи, 5 нерешени и дури 15 порази со гол разлика 19:42. Одбраната е очајна а Несторовски е „одговорен“ што разликата над цртата за опстанок е „само“ осум бода. Да не беа неговите голови, Палермо веќе со една нога ќе беше испаднат како што е Пескара со само 9 бода од 23 меча.

Во врска со голот против Кротоне за победа од 1:0 Илија изјави:

„Голот се совпаѓа со трите бода и среќен сум за навивачите и екипата. Кога ќе дојде двоцифрената бројка голови? Се надевам скоро ќе дојде, но не значи ништо ако не се спасиме на крај. Единствена стратегија која што ја знам е да се остане единствен какви што бевме против Кротоне“, додава одличниот центарфор.

Во Палермо, најдобар другар очекувано му е неговиот сонародник Александар Трајковски кој ја одигра најдобрата партија против Џенова пред две кола.

„Алекс е шампион, голем другар освен што е одличен напаѓач. Тоа се виде и во неделата против Кротоне. Сезонава немаше среќа поради повредите, но верувам дека се е зад него и голот против Џенова без сомнеж е важен и за неговиот морал. Очекувам многу од него на следните натпревари затоа што е еден од најважните играчи на тимов“, додава Илија за другиот Македонец во Палермо.

Прослава на голот против Наполи заедно со Трајковски

Во однос на новиот тренер Диего Лопез (42, екс Каљари и Болоња) кој пред 2 недели стана четвртиот тренер на Палермо сезонава, Нестогол вели:

„За него можам да кажам само убави нешта, работиме малку време заедно но има харизма и јасни идеи. Ни донесе ведрина и не мотивира. Да бидам искрен не сакам многу да зборувам за минатите тренери. Бев добар со сите како во Палермо така и претходно во кариерата. Од секого научив по нешто“, заклучува Македонецот кој во недела од 15:00 го очекува нова борба за опстанок против сезонава одличната Аталанта.