Во македонскиот национален тим може да сретнете и Македонци и Албанци и фудбалер на Вардар или екс и негов клупски ривал од Шкендија и стар лисец како Пандев кој има 35 години и дете како Елмас кој има 19.
Но она што ги спојува е дефинитивно сплотеноста. Не е важно кој е што по националност, каде игра и колку години има, туку желбата и капацитетот да се надминат предрасудите. Овие момци не се делат ни на стари и млади, ниту на ѕвезди. Играат за исто знаме и претставуваат една земја.
Од 1.000 км (колку што има од кај нас до Љубљана) им се забележува позитивната атмосфера и енергија која кружи меѓу нив.
Пандев е европски шампион, славен и познат насекаде и е скоро двојно постар од Елмас, но без никаков комплекс истрча да го изгушка после голот со Летонија. Малиот на мангупски начин му го посвети голот токму на капитенот за јубилејниот 100-ти репрезентативен настап.
Лидерот на Македонија објави слика на Инстаграм со него и со Чурлинов роден 2000-та и напиша „Иднината на Македонија“. Тоа е тоа чувство со охрабрувачка и мотивирачка порака за двајцата.
Бејтуали на јуначки начин спаси чист гол против Словенија. Столе со две стиснати тупаници се сврте накај него и покажа огромна радост за делото, а другите играчи од одбрана веднаш му честитаа.
Гого Јовчев на низа натпревари диригира во соблекувална што да се пее и скандира, а во тоа е вклучен и Јане. На Пандев му пееја „Ил капитано“, за јубилејот му подготвија подарок, а Пандев му ги подари копачките на Рики.
И за убавата енергија да биде заокружена, а мозаикот цел, се грижи селекторот кој не натера утринската порака на Фејсбук да ја ставиме во наслов.
Моменталниот резултат од оваа шаренолика репрезентација и микс на младост и искуство во која владеат насмевки и френдли гестови е заедништвото кое носи резултати.
Од 24 март 2017-ма кога го совладавме Лихтенштајн на гости (0:3) до вчера 24 март 2019-та, Македонија одигра вкупно 19 натпревари и загуби само два пати. Серија каква што не паметиме претходно откако постои македонската фудбалска репрезентација.
Скорот на сите натпревари во Лига на нации, Квалификации за СП 2018, ЕП 2020 и на пријателски во последниве 2 години им е 11 победи, 6 нерешени и 2 порази.
И уште ова. Алиоски, Барди и Бејтулаи после голот за 1:1 против Словенија свртеа македонско оро.
Баталете Спортклуб следен пат, на 7 јуни се гледаме на Градски против Полска во што поголем број.