Бадијала им е големиот буџет, стадионот во најава и силните засилувања од странство на Актобе, бидејќи и покрај парите казахстанскиот претставник се посрамоти уште на стартот од квалификациите за ЛЕ.
Актобе е најдобриот клуб во Казахстан во последните 10 години кој освои пет титули во домашното првенство, а во моментов е лидер на табелата без пораз по 19 одиграни кола.
Имаат буџет од преку 10 милиони евра, планираат да градат стадион со 32.000 седишта и постојано пазарат од странство. Купија Нигериец кој има играно во Украина, Русија и Грција, тројца искусни Бразилци, а пред една година го донесоа и Дак Чиприан кој има настапуваво во Шалке.
Главна звезда во тимот им е Маркос Пичели кој игра за Ерменија и која неодамна постигна голчиште против Португалија. Неговиот трансфер од Кубан во 2013-та изнесуваше 3 милиони евра.
Тренер им е младиот талентиран стратег Владимир Газаев, син на познатиот Валериј Газаев кој има освоено 10 трофеи со ЦСКА Москва.
Но сето ова им е џабе. Казахстанците сами се криви што не успеаа да поминат во второ коло, бидејќи не ја затресоа мрежата ниту од 57 удари кои ги упатија за 180 минути од кои 17 обиди завршија во рамките на голот. На првиот меч шутнаа 26 пати, а синоќа 33.
Не им помогнаа ниту 20-те корнери. Номе Каљу од Талин на првиот меч на гости победи 1:0, а пред своја публика се избори за 0:0 и го направи најголемото изненадување сезонава во Лига Европа.