Алесио Ромањоли синоќа беше истовремено и среќен и тажен по завршувањето на мечот меѓу Милан и Лацио. Среќен бидејќи по пауза од седум години го носи Милан на меч во борба за трофеј, тажен бидејќи го елиминираше тимот за кој од секогаш навива.
Во последната рунда пенали Лацио промаши преку дефанзивецот Луис Фелипе Рамос кој ја дувна над гол, а потоа Ромањоли смирено ја пласираше на неговата лева страна за финале меѓу Милан и Јувентус на 9 мај на Олимпико.
Навивачите на Милан урлаа од радост, исто како и целиот тим, освен Алесио кој имаше измешани чувства.
Интересно е што 23 годишниот играч од одбраната е продукт на Рома за која дебитираше во Серија А и тоа токму против Милан во сезоната 2012/2013, но не фати место во изборот на Зденек Земан.
Прво сакаше да игра како треквартиста во Рома Примавера (позицијата на Тоти), но не се покажа на таа позиција по што беше прекомандуван во одбраната.
По двете сезони во кои доби само 13 прилики за настап во Серија А, Ромањоли беше позајмен во Сампдорија, а на 11 август 2015-та потпиша 5 годишен договор за Милан вреден 25 милиони евра.
„Го сакам број 13 како Неста“, изјави Ромањоли кој ја доби бројката на својот идол.
Официјалната причина за разделбата со Рома беше поради недоразбира со управата, а вистинските проблеми кусо време по неговиот трансфер излегоа на виделина. Ромањоли објави слика со дрес на Лацио и го навлече гневот на навивачите на Рома кои на секое гостување во Рим го пречекуваат со свирежи.
Ромањоли минатата сезона ја славеше победата на Лацио во полуфиналето од Купот против Рома, а синоќа ја доби најнеблагодарната улога. Да го елиминира тимот за кој навива во истото натпреварување и тоа токму под Курва Норд, трибината каде седат Лацијалите.