Пред нас, за десет дена е најголемиот овогодишен фудбалски спектакл. 30 дена фудбал, пиво, грицки, по некој тикет и навивање за омилените селекции. Што сè треба да нè интересира во врска со Европското?
Континенталниот шампионат ќе се игра од 10. јуни до 10 јули. Франција по трет пат е домаќин на Европско (1960, 1984 и 2016). Дневно воглавном ќе има три меча, а термините се стандардни кога се игра Европско, од 15 часот по средноевропско време, од 18 часот и третиот меч од 21 часот.
Наместо досегашните 16 селекции (од 1996-та беше така), првпат на едно Европско ќе учествуваат дури 24 репрезентации. Ќе бидат распоредени во шест групи, а во секоја од нив по четири селекции, така што секоја репрезентација ќе одигра по три меча со ривалите од групата. Понатаму одат двете првопласирани од секоја група, но и четири од шест најдобропласирани трети репрезентации.
Најдобрите европски фудбалери ќе играат во Париз каде што се наоѓа најголемиот стадион Стад д’Франс, во Марсеј, Лион, Лил, Бордо, Сент Етјен, Ница, Ленс и Тулуз. Севкупно ќе гледаме дури 51 натпревар што е значително повеќе од минатите првенства кога се играа 20 дуели помалку. Пред четири години гледавме 31 меч.
ГРУПА А: Франција, Романија, Албанија, Швајцарија.
ГРУПА Б: Англија, Русија, Велс, Словачка.
ГРУПА Ц: Германија, Украина, Полска, Северна Ирска.
ГРУПА Д: Шпанија, Чешка, Турција, Хрватска.
ГРУПА Е: Белгија, Италија, Република Ирска, Шведска.
ГРУПА Ф: Португалија, Исланд, Австрија, Унгарија.
Се очекуваат 2,5 милиони навивачи на стадионите од кои 1,5 ќе бидат од странство. По грубите проценки се очекува странците да потрошат 1 милијарда евра за време на првенството. За споредба, на ЕП 2012 имаше 1,4 милиони посетители. Oд ТВ правата УЕФА и домаќинот како организатори ќе добијат милијарда евра, од спонзорства 400 милиони евра, од влезници и сместување околу 500 милиони евра. Овој настан ќе биде најголем европски спортски настан за 2016-та.
Слоганот за Европското е Le Rendez-Vous кој УЕФА го објави на 17. октомври 2013-та. Слоганот се однесува на фактот дека Франција ќе биде домаќин на првенството по трет пат и дека најдобрите фудбалски селекции ќе се сретнат пак таму. Официјална маскота на ЕП 2016 е Супер Виктор.
Најевтината карта за ЕП ќе биде 25 евра и ќе биде достапна за 43 од 51 меч. За сите натпревари освен за финалето ќе има влезници под 100 евра. Околу 75% од билетите (тоа е околу 2,5 милиони влезници) ќе бидат достапни за сите навивачи на 24-те селекции и неутралните гледачи. Најскапиот билет за финалето ќе чини 895 евра.
За секој меч ќе има по 2.000 карти достапни за жителите на градот домаќин и 2.000 карти за француските репрезентативци. Давид Гета е авторот на официјалната песна на Европското 2016.