Ајнтрахт Франкфурт одигра сезона од соништата. По ред со по 4 гола во мрежата ги испрати Марсеј, Лацио, Бенфика и ред други и стигна до големото полуфинале каде на пенали несреќно изгуби од Челси.
Во ситуација кога најверните навивачи биле сигурни дека Ајнтрахт ќе истурка машки до финалето, некои од нив дури и купувале карти за големиот настан во Баку на 29. мај (среда). Преку 10.000 навивачи на клубот од Франкфурт, како и на речиси сите гостувања сезонава (Рим, Марсеј, Лисабон итн.), допатуваа во Лондон на реваншот со Челси на „Стемфорд Бриџ“ (првиот меч во Германија заврши 1-1).
Германците не престанаа со песна ни кога Лофтус-Чик го донесе Челси во водство во 28’ минута, па Лука Јовиќ во 49’ минута израмни на 1-1 и го прати мечот во продолженија и пенали. А таму Кепа бранеше како луд и Ајнтрахт испадна.
Оние навивачи од Франкфурт кои недели пред реваншот со Челси резервирале и купувале карти за финалето, сега решиле да ги поделат на децата во Баку. Иницијатор на целата акција бил еден корисник на навивачкиот форум на Ајнтрахт под ник Wienen Adler:
„Решив да се поврзам со претставниците на Детското SOS село во Баку. Зборувавме неколку пати и ги заинтересира мојот предлог да им дадеме карти за финалето затоа што нашиот Ајнтрахт нема да игра. Се испостави дека многу деца сакаат да дојдат на мечот затоа што за нив тоа била недостижна желба
Досега собравме околу 100 влезници и што повеќе тоа подобро. Фали уште малку за целото Детско СОС село во полн состав да отиде на стаидон“, напишал навивачот на Ајнтрахт Франкфурт.
ДРАМА СО ДРУГИТЕ КАРТИ ПРЕДВИДЕНИ ЗА АНГЛИСКИ НАВИВАЧИ
Темата влезници за финалето на Лига Европа се врти со денови. Учесниците, Челси и Арсенал добиле поединечно секој по 6.000 карти, а од Арсенал биле разочарани поради тоа што велат имаат 45.000 „сезонци“ и плус 180.000 членови на официјалниот фан клуб. Но од УЕФА објаснија дека размерот е во многу поврзан и со капацитетот и способноста на аеродромот во Баку кој не може да опслужи повеќе од 15.000 луѓе во еден ден.
Арсенал ги продавал тикетите од 21 до 121 фунта а Челси од 17 до 95 фунти. Се испоставило дека двата лондонски клуба едвај можеле да продадат и половина од контингентот. Многу навивачи од Англија не сакаат да патуваат за Баку среде работна недела, велат дека тоа им е тешко и дека патот е долг и мачен.
Нереализираните карти клубовите ќе и ги вратат на УЕФА која што ќе ги пушти во продажба на локалните навивачи. Притоа УЕФА за спонзорите одвоила 2.000 карти но прашање е колку од нив ќе бидат искористени.
Во моментов се реализирани околу 23.000 влезници за финалето на Лига Европа.