Навивачите избркаа фудбалер заради утнат пенал

Навивачите на фудбалскиот клуб Сараево го избркаа од тимот напаѓачот Ален Мелуновиќ кој промаши пенал по што неговиот тим беше елиминиран од Лига Европа од страна на албанскиот Кукеси.

Фудбалерот Ален Мелуновиќ утрово доби раскин на договорот со еден од најпознатите босански фудбалски клубови, Сараево. Раскинот на договорот се случи само неколку часа по натпреварот против албанскиот клуб Кукеси, односно нивната елиминација во второто квалификациско коло од Лига Европа.

По првиот натпревар одигран во Кукс, албанскиот клуб имаше предност од 3:2, односно на Босанците во реваншот им беше потребен само еден гол за пласман во следната фаза.

Најголемата шанса за гол вреден неколку стотици илјади евра ја имаше Ален Мелуновиќ кој во 68-та минута од натпреварот ја презеде одговорноста и шутираше пенал, но тоа го направи очајно и противничкиот голман му го одбрани ударот.

Бесните навивачи веднаш почнаа да скандираат против него и неколку минути подоцна тој беше заменет. Резултатот остана непроменет до крајот, па екипата на Сараево беше елиминирана од албанскиот клуб кој прв пат пред 2 години избори пласман во првата лига.

Навредите кон Мелуновиќ не престанаа ни откако тој излезе од игра, ниту по завршувањето на натпреварот, па утринава челниците на клубот му врачија отказ.

26 јули 2013 - 15:37