Во средината на февруари за време на мечот меѓу Шалке и Хофенхајм се повредил линискиот судија Роберт Шредер. На негово место се појавил четвртиот судија но тогаш останало празно неговото место и немало кој да ја крева табличката со време и замени.
Тогаш реагирал брат му на Мануел Ноер, Марсел, кој во Шалке е задолжен за комуникација со судииите.
Решил како замена да викне еден од своите најдобри другари:
- Штефи, на стадион ли си?
А Штефан Тендик практично не пропуштал никогаш натпревар на Шалке. Неговото место на Nord-tribune (северна трибина) може да биде празно само тогаш кога работи на мечеви од Ландеслига (седма лига во хиерархијата на германскиот фудбалски систем). Штефан исто е судија.
- Секако, на стадион сум, што треба?
- Симни се, ајде, ни треба твоја помош. Башка имам пиво.
Тендик брзо го оставил своето место и се затрчал по скалите на „Фелтинс-Арена“. Мечот со Хофенхајм го догледал долу покрај аут линијата со електрична табличка, на пар метри од Јулијан Нагелсман и Доменико Тедеско, двајцата најперспективни германски тренери на денешницата.
Па кому би помогнал ако не на стариот другар Ноер со кого се знаел од 5. одделение.
Интересно, Штефан Тендик не го осетил првпат тревникот на стадионот во Гелзенкирхен. Тој бил главен судија и на прошталниот меч на Марсело Бордон - Бразилецот кој е легенда на Шалке за кого одигра околу 200 натпревари.
Штефан и порано се јавувал како судија-спасител. За време на едно дерби со Баерн Минхен се повредил главниот судија Мануел Грефе, Тендик тогаш исто се симнал од трибините, ги ставил шалот и капата на страна и тргнал да суди. Судијата брзо се опоравил и се вратил на теренот.
Кога новинарите го прашале колкав му е хонорарот, тој рекол:
„Каков хонорар? Не мислам дека треба да ми плаќаат што сум помошен судија во првата бундеслига. Спортскиот директор на Шалке Кристијан Хајдел после мечот ми подари дрес и тоа е мојот хонорар. Доволно е толку“, скромно заклучува судијата спасител Штефан Тендик.