Напаѓач на Клуб Бриж не играше Лига шампиони зошто му го земале местото во автобусот

Не, дефинитивно фудбалот носи лакрдии какви што не може да режира ни најлуд режисер. Синоќа од Белгија стигна вест дека центарфорот на тамошниот шампион нема да игра против Борусија Дортмунд од бизарни причини.

Предводена од неверојатниот Еринг Холанд, Борусија со 3:0 го згроми Клуб Бриж кој во Германија дојде без најважниот играч од нападот - Нигериецот Денис Бонавентура.

Овој шпиц во Лига на шампиони сезонава има 255 минути на 4 меча и 367 одиграни минути во белгиската лига.

„Денис е во одлична форма но го нема во составот зошто ги наруши правилата на клубот“, рекол тренерот Филип Клеман.

Белгиски Het Laatste Nieuws (HLN) пишува дека напаѓачот направил скандал во клупскиот автобус - сакал да седне на своето омилено место иако според строгите протоколи во борба со вирусот тоа не било можно.

Денис терал инает и буквално како мало дете не сакал да слушне дека во автобусот мора да се задржи социјална дистанца затоа што така налагаат УЕФА, ФИФА, а и сите здравствени инстанци во Европа и светот.

Нигерискиот шпиц во последните месец дена се однесувал чудно, пасивно работел на тренинзи, се карал со персоналот и сега направил скандал со место во автобусот.

Соработниците во клубот го сметале за „мал зол човек“ кој е посветен само на себе.

Тој наводно така се однесувал зошто му пропаднал трансфер во англискиот премиерлигаш Вест Бром кој во последниот ден од преодниот рок го барал од Клуб Бриж на позајмица со право на откуп но Нигериецот не добил работна виза во последен момент и трансферот порпаднал.

Инаку Денис Бонавентура е играч кој минатиот октомври постигна 2 гола против Реал Мадрид и ги прослави како Кристијано Роналдо. „Сакав само да ги потсетам кого пуштија да замине“, рече после мечот лани.

Пред мечот со Реал Нигериецот изјавил и дека ќе се истетовира ако даде гол против Реал Мадрид. Летово го одржал ветувањето и ја истетовирал прославата на гол против „кралскиот клуб“. 

После Реал гол постигна и против Манчестер Јунајтед во Лига Европа и против Зенит во Лига на шампиони сезонава. По голот со Русите, изјавил:

„Ви реков дека не давам голови само против топ екипи?“