Најскапиот фудбалер кој потпиша со Њукасл ќе носи број на дресот како бројот на таксито на татко му

Новите сопственици на Њукасл, државниот инвестициски фонд од Саудиска Арабија кој се смета за најбогат фонд на светот, почна да ги покажува парите. Веќе доведоа сериозни засилувања за клубот кој е трет од позади на табела и води грчевита борба да не испадне во втора лига.

Бразилецот Бруно Гимараеш го комплетираше трансферот во Њукасл. Тој поминал медицински прегледи во Бразил каде се наоѓа со неговата репрезентација за дуелите од квалификациите и каде отпатувале медицински лица од Њукасл и шефот за операции Стив Никсон.

Англискиот премиерлигаш за него плаќа 40 милиони фунти со што играчот од среден ред ќе стане најскапиот трансфер во клупската историја. Гимараеш беше цел и на Манчестер Јунајтед, Арсенал и ПСЖ но на крајот се сели во Њукасл.

Договорот ќе му важи до јуни 2026 година, а тој сега е под голем притисок да го оправда вложеното во него и да го крене тимот во борбата за опстанок. Гимараеш во Њукасл доаѓа од француски Лион. Нови засилувања во црно-белиот дрес досега се уште и бекот Киран Трипие кој веќе дебитираше по доаѓањето од Атлетико Мадрид и шпицот Крис Вуд кој дојде од Барнли.

Бруно Гимараеш има 24 години. Кариерата ја почнал во младинската школа на Аудакс Рио, потоа дебитирал за Аудакс, па стана главен играч на Атлетико Параненсе од каде во 2020-та за 20 милиони евра премина во Лион (францускиот клуб ќе мора да му препушти и 20% од трансферот на бразилскиот клуб).

Интересно и во Лион а и сега во Њукасл Бруно Гимараеш се решава за бројот 39 на дресот, во чест на бројот на такси кое го вози татко му којшто заработувал тешко за живот кога семејството немало други приходи во Бразил.

 

31 јануари 2022 - 12:10