Овеин Фон Вилијамс

Најнеобичниот голман на Европското доаѓа од Велс

Голманот уметник, кој седел шест години на клупата за резерви, своето деби на голот на Велс го прославил така што свирел на гитара во хотелот а скоро планира и да направи уметничка изложба со неговите дела кога ќе се врати од ЕП во Франција.

Јуни е голем месец за резервниот голман на репрезентацијата на Велс, Овејн Фон Вилијамс. Тој ќе му биде прва замена на Вејн Хенеси на првиот голем турнир кој Велшаните го играат првпат од 1958. година. По завршување на Европското, во Северен Велс во една престижна уметничка галерија ќе бидат изложени сликите кои тои ги насликал.

Скромен и талентиран, лесно е да се забележи зошто голманот на шкотскиот Инвернес е толку популарен во селекцијата на Велс. Герет Бејл изјавил дека никој подобро не ги свири песните на Џони Кеш од голманот Овејн Вилијамс.
 
Талентиран и како уметник, Вилијамс на 16 години се фокусирал на екипата Кру Александра, но решил да и се врати на четката пред неколку години за да се релаксира од напорниот фудбал и досега продал неколку дела за околу 500 фунти во една галерија во Кардиф.

„Не го правам тоа за пари. Не ги расфрлам делата и не ги продавам само за да ги продадам. Го правам тоа затоа што сликањето ми значи. Има многу сликари кои сликаат и сликаат само за пари, но јас не. Сликам од задоволство“, вели Овејн.
Првата изложба ќе биде во селото Пенигрос каде што Вилијамс израснал.
„Правам колекција на слики со каменокршачи затоа што и татко ми работеше тоа во северен Велс. Тоа е важен дел од историјата на Велс, а ние паметиме што направиле тие луѓе за масивната индустрија на земјата. Очигледно веќе не се крши камен, но тоа што пред стотици години го направиле работниците таму уште стои затоа што каде и да се свртиш ќе видиш куќи од камен. Тоа е велшка историја“, раскажува голманот за мотивите и инспирацијата.

„Многу галерии сакаа да изложам кај нив, но се одлучив за една помала галерија „Лун Меон Фрам" во селото Пенигрос, затоа што почуствував дека сликите таму припаѓаат. Околу селото имаше многу каменоломи. Дедо ми работеше таму и за мене е повеќе од сликање, доаѓа од срцето и многу и значи на целата фамилија", продолжува одличниот голман.

Вилијамс редовно ги забавува колегите на гитара во слободното време. Вели дека уште некои колеги во репрезентацијата како Џејмс Колинс и Џо Ален учат да свират и му помагаат.

Осум месеци по неверојатната победа од 0:3 над Израел на гости дојде моментот кој Вилијамс го чекал уште од 2009-та година, тоа е првиот дебитантски повик. Со 16 минути до крајот од мечот против Холандија, селекторот Колман го стави поранешниот голман на Стокпорт, Рошдејл и Транмере во игра а овој доби фантастични овации од трибините. По 29 меча на клупата, сонот стана јаве.

„Беше неверојатно да се биде на теренот. Немам зборови да ја опишам публиката. Ќе направиш се за твојата земја. Ќе одиш низ ѕидови ако треба, цел свет ќе го поминеш без разлика дали е за фудбал или нешто други. Да го облечеш тој дрес е нешто посебно", додава симпатичниот резервен голман на Велшаните.

Ако некого интересира, еве каков звучи велшкиот јазик: