Интервју со Кристијан Стоилков

Најмладиот македонски менаџер кој лови таленти и контактира со Мијатовиќ и Мамиќ

На фудбалска мапа на Европа најмногу се знае и пишува за моќните Хорхе Мендез и Мино Рајола кои дрмаат со јаки трансфери, но ние ќе ја ви пренесеме приказната за едно наше, многу амбициозно дете кое на само 23 години почнува да отвора големи врати и да седи на иста маса со големи имиња.

Кристијан Стоилков е името за кое допрва ќе се слуша во светот на фудбалот или поточно во спортот зад кој се крие голем бизнис. Во Македонија е познат како голман кој многу рано, на само 20 години ја заврши кариерата.

Но не по негова желба или вина, туку по еден несреќен дуел на пријателски меч против Брегалница, додека бранел за Хоризонт Турново, во јануари 2016-та. Стоилков добил тешки повреди на главата по што му била извршена операција, а потоа следувал долг и тежок процес на рехабилитација.

Има лузна на черепот од 15 см. На почеток не можел да се движи слободно, бидејќи левата рака и нога не му фунционирале поради оштетувања на нервите. Лекарите во болницата Св.Еразмо во Охрид каде лежел 20 дена, му дале мали надежи дека повторно ќе застане покрај стативите.

Но Кико застанал цврство и јуначки на нозе и сега се бори и се пробива во едни други фудбалски води, оние менаџерските кои му даваат привилегија да создава мрежа на контакти во големи клубови и со големи фудбалски имиња. Повредата го спречила и да не отпатува на историското ЕП во Полска за каде го планирал Боби Милевски.

Кариерата ја почнал во ФК Малеш во родното Берово, а од Македонија направил трансфер во Словенија во екипата на Копер, каде и моментално живее.

Кристијан ти си можеби единствениот 23 годишник од Македонија кој толку млад успеа да влезе во менаџерски води. Како успеа во тоа?

Почнав со таа работа за да бидам пак дел од фудбалот кој ми недостига. Кога докторите ми кажаа дека тешко ќе биде за да се вратам на гол, јас се одлучив на ова, а и моите тренери, пријатели и спортски работници што ги познавам во Македонија и Словенија ми го кажаа истото. Прво ми даде поддршка Мирсад Јонуз, а потоа истото ми го кажа и мојот менаџер од Србија. Не знам дали сум најмладиот во менаџерски води, но знам дека ми оди добро. До сега не сум бил одбиен во ниту еден клуб, секаде сум добредојден, посебно во Европа. Луѓето како професионалци во оваа работа го ценат тоа што го работам, било да е тоа млад или постар спортски работник, без разлика од каде сум.

Работиш самостојно или во агенција и дали веќе имаш мрежа на фудбалери кои се твои клиенти?

Работам самостојно, а одржувам контакти со партнери од други земји, бидејќи обврските во оваа работа се големи и мора да имаш партнери – скаути со кои треба соработка за да напредуваш.

Со спортскиот директор на Риека, Среќко Јуришиќ

Во кои земји и клубови имаш пристап и со кои познати имиња од светот на фудбалот имаш остварено контакти?

Соработка имам скоро со цел Балкан, во сите клубови. Највеќе работам во Италија и Словенија, каде моментално престојувам, потоа Германија, Австрија, Холандија, а исто така сум добро поврзан со Швајцарија и Шпанија. Имам контакти со легендата Предраг Мијатовиќ, потоа со Милан Мандариќ, голем спортски работник кој бил газда на многу големи клубови, исто така со Златко Заховиќ, кој е претседател на Марибор, Здравко Мамиќ и многу други големи имиња со кои се запознавам на натпревари и потоа правам соработка. Да не заборавам дека имам добра соработка и со Црвена Ѕвезда и Партизан.

Со Златко Заховиќ

Раскажи ни ја анегдотата со Мијатовиќ, како се запознавте?

Со Предраг Мијатовиќ запознавањето ми беше многу интересно, како во сон. Излегувам на кафе со другар со кој игравме заедно кога уште бев голман во Копер, во едно кафуле на море каде обично се собираат спортисти. Го здогледав градоначалникот на градот кој често нè посетуваше на тренинг и сите нè почитуваше и бев да го поздравам. Му пружив рака и на човекот кој седеше до него. Му велам: Здраво, јас сум Кристијан, а тој вели: Јас сум еден поранешен играч. Многу ми беше познат, ама не можев да се сетам кој е, па го прашав другар ми, а тој ми вели тоа е Пеџа Мијатовиќ. Потоа гледам луѓе се сликаат со него и следниот ден се слушнав со градоначалникот да го прашам дали е уште во Копер. Тој ми рече, не се секирај, ќе го договориме на еден ручек. Ме запозна, му објасни кој сум, што ми се има случено во кариерата и потоа почнавме да разговараме за менаџерството. Пеџа ми го даде бројот и ми рече што и да ти затреба, во било кој клуб, слободно барај ме. И така дојде до една соработка со човекот кој има голем авторитет.

Со српско-американскиот тајкун Милан Мандариќ кој е газда на Олимпија Љубљана и поранешен акционер во Портсмут, Лестер и Шефилд Венздеј.

Кој е првиот трансфер кој си го направил и ако можеш кажи ни ги деталите?

Имав еден играч Словенец, да не го спомнувам кој. Не беше за во прва шпанска или италијанска лига, но во втора помина. На почеток како и кај секој менаџер, немав големи контакти, па го барав Мијатовиќ да ме поврзе со некој второлигаш од Шпанија или Италија. Тој ми договори, а потоа на шега ми вели: Ако имаш некој играч за Ливерпул, Челси или Манчестер Јунајтед, кажувај за да средиме одма, немој да ме замараш со втори и трети лиги.

Во ова време на милиони и милијарди во фудбалот добро познато е дека менаџерите многу сочно се офајдуваат. Од трансферот на Алексис Санчез во Манчестер Јунајтед медиумите пишуваа дека менаџерот заработил 10 милиони фунти. Како се движи процентот кој му припаѓа на менаџерот кога се прави трансфер?

Тоа зависи каков договор има потпишано играчот со менаџерот. Сè е ствар на договор меѓу играчот, клубот и менаџерот. Најважно е да седнат на маса и да нема превара. Колку повеќе го продадеш, толку повеќе ќе бидат задоволни сите страни. Менаџерите кои не работат на ситно, доволно е да завршат работа со еден голем трансфер и потоа се мирни цела година.

Тешко ли беше од ФК Малеш како играч да стигнеш во Копер во првата словенечката лига? Како успеа од Берово да заминеш во Словенија, пресуден беше талентот или имаше добар менаџер?

На почеток беше тешко да дојдам во Словенија и да заиграм овде најмногу поради документите. Но ми помогна татко ми.

Како се чувствуваш сега, дали можеш да тренираш и постојат ли некакви шанси да ја продолжиш голманската кариера или остануваш да работиш како менаџер?

Моментално се чувствувам добро, а мотивација ми дава работата што ја работам, како и позитивните луѓе кои ми даваат сила. Јас велам дека Господ секогаш ги реди коцките и помага во најголемите битки на неговите најголеми борци. Се помирив дека нема враќање во фудбалот уште кога ми кажаа докторите дека ќе биде тешко. Важно ми е што се враќам во нормала и сега сум фокусиран на работата која одлучив да ја работам за на некој начин да останам во фудбалот.

Селекторот Благоја Милевски ти ветил повик за У-21, но пречка била повредата. Дали тоа значеше дека ќе беше дел од деби настапот на Македонија на Европското во Полска?

После повредата и будењето од кома после три месеци, од мои луѓе спортски работници дознав дека сум бил во план за квалификации за ЕП. Колку што се сеќавам тогаш Дејан Илиев имаше исто тешка повреда на колото и не можеше да биде на список. Игор Алексовски имаше ситна повреда која ја санираше во последен момент. Шишковски исто беше повреден и малку беше на клупа тогаш, па решение колку што ми кажаа сум бил јас. Како и да е, не ме заборавија и ме поканија на последниот квалификациски меч за да бидам заедно со играчите, селекторот и стручниот штаб.

24 јануари 2019 - 13:07