Кога дувал 15 свеќички на тортата, Мауро Икарди пред осум години добил покани од академиите на Барселона, Арсенал, Ливерпул, Реал Мадрид, Валенсија и Севиља. Во големата трка за него победија Каталонците.
По шест години во родниот град, Икарди со родителите се преселил на Канарски Острови и набрзо станал еден од најдобрите млади фудбалери во локалниот клуб Вечиндарио каде постигнал повеќе од 500 голови.
Западнал во око на скаутите на Барселона кои интервенирале брзо и го довеле во Ла Масија. Таму младиот Аргентинец го чекале многу ветувања и сонувал дека еден ден ќе истрча пред полниот Камп Ноу. Меѓутоа, времето минувало а Маурито не успеал ниту да ѕирне во првиот тим за разлика од многу ученици на Ла Масија кој успешно заиграа за првиот состав.
Од таа причина напаѓачот како 17-годишен, во јануари 2011. година замина на позајмица во Сампдорија. Тоа ќе се испостави како животен пресврт.
„Тоа и не беше така лоша одлука, можам да кажам дека беше многу добра за мојата кариера. Во Барселона и Ла Масија научив да играм фудбал, но не ме гледаа во првата екипа и морав да барам друг клуб“, се сеќава Икарди кој во Италија почнал да прави дар-мар во младинските категории каде постигнал 13 гола на 19 меча.
Сампдорија била воодушевена од неговиот талент и голгетерски способности и веднаш во јули го откупила неговиот договор од Барселона за 400.000 евра. Времето покажа дека тоа било премалку за Маурито.
Во само една сезона 2012/2013, Икарди даде 11 голови на 33 меча за Блучеркијати и тоа беше доволно Интер да издвои за него 6,5 милиони евра за 50% од неговиот договор. Пет години после овој трансфер, Интер на маса имаше 60 милиони евра од Наполи за новиот капитен на клубот, но ги одби и реши да го продаде во случај некој да даде 100 милиони евра.
Досега за Нераѕурите, човекот кој се скара со најдобриот другар Макси Лопез и се ожени за неговата поранешна сопруга која му е менаџер, постигна 51 гол, два повеќе од Бразилецот Роналдо.
„Јувентус е моја омилена жртва. Нив многу сакам да им давам голови“, изјави синоќа Икарди кој со гол и асистенција го сруши актуелниот првак Јувентус.