
Угледниот спортски весник за време на паузата на националните првенства направи тим од топ 11 играчи кои според игрите и оценките во досегашните 12 кола во Серија А се покажале како најдобри трансфери во летниот преоден рок.
Речиси половина тим е составен од засилувањата на Рома кои дадоа голем придонес во тимот предводен од Руди Гарсија, кој на изненадување на сите ја стартуваше новата сезона со рекордни 10 победи.
Во таа успешна бајка на „Римската волчица" се новите играчи Де Сантис, Бенатиа, Мајкон, Струтман и Жервињо кои се најдоа во овој тим. Наполи има двајца најкорисни засилувања Игуаин и Калехон, Јувентус доби најмногу со Тевез, Интер со Кампањаро, а во составот го има и Кака и покрај тоа што има одиграно само 399 минути за Милан.
Во овој тим место направија и за 21 годишниот Шиме Вршаљко кој летово од Динамо Загреб премина во Џенова за сума од 4 милиони евра, а од овие играчи има најмала плата која изнесува 600 илјади евра годишно.
Во вториот состав каде има фудбалери кои одиграа под очекувањата во досегашниот дел од сезоната има по двајца фудбалери од Интер, Лацио, Сасуоло и по еден од Парма, Милан, Торино, Рома и Џенова, а најмногу од нив заработува Матри од Милан кој годишно инкасира 2,5 милиони евра.