Пред неколку дена домот на бразилскиот репрезентативец од Наполи, Алан бил на удар на криминална банда. После тоа, во неделата рано наутро обиен бил и автомобилот на Полјакот Пјотр Зјелински, па двајцата фудбалери исплашени за своите семејства, решиле да преземат нешто.
Како што пренесува RaiNews, Алан ја префрлил жена му и двете деца од дома во хотел затоа што таа е во седмиот месец од бременоста и била многу исплашена од грабежот. Зјелински се договорил со сопругата Лаура Словиак и таа привремено да се врати дома во Полска додека тој има репрезентативни обврски.
Станува збор за двајца стандардни првотимци на клубот кој некако поминува низ криза, што резултатска, што организациона.
Исто се случило и со Лоренцо Инсиње, капитенот на екипата, чија жена Џени отишла да живее некое време кај нејзините родители додека Лоренцо е со репрезентацијата на Италија во следните неколку денови.
Калиду Кулибали дури и ангажирал бодигард со цел да го заштити семејството од евентуални напади на навивачите кои се револтирани од лошите резултати и односот на играчите кон дресот.
Пред неколку дена избија проблеми во клубот, откако играчите одбија да престојуваат во карантин кој го наложи претседателот Де Лаурентис, па навивачите застанаа против нив.
Во меѓувреме, агентот на Милик и Зјелински во изјава за полски медиуми, рекол дека двајцата фудбалери се изненадени што Наполи воопшто не спомнува никакво продолжување на договорот и дека тоа би можело да значи скоро напуштање на Неапол.
После 12 одиграни кола Наполи е дури на 7 место на табелата со цели 13 бода зад лидерот Јувентус и 12 бода помалку од второпласираниот Интер.