Актуелниот шампион Челси игра лоша сезона и тоа веќе не е никаква вест. Уште од август месец и почетокот на првенството, Сините никако да ја поправат играта и формата, па од таа причина се и многу слабо пласирани на табелата.
Дури осум порази во Премиер лигата не одат во прилог на репутацијата на Мурињо кој сезонава постави неколку негативни рекорди. На навивачите на Челси добро им е познато дека нешто не оди како треба, но Португалецот бескомпромисно ги бранеше своите пулени.
Сепак неколку месеци после критиките, играчите не заиграа подобро, па Специјалниот мораше да отвори душа.
„Ако гледаме играч по играч тогаш може да се каже дека Бранислав Ивановиќ, Гери Кејхил, Џон Тери и Сеск Фабрегас имаа фантастична сезона лани. Сезонава не може да се каже дека играат така. Напротив. Играат слабо“, изјави Мурињо на прес конференцијата пред мечот со Лестер во понеделник вечер.
Мурињо одби да го спомене и Еден Азаар кој најчесто беше критикуван сезонава, затоа што на преку 15 натпревари по ред не постигна гол, а лани беше најдобар играч во Премиер лигата.