Мурињо ги испофали Фергусон и својата сопруга

Поранешниот тренер на Манчестер Јунајтед минатата недела изјави дека не е фер што Мурињо изгледа добро, зборува пет јазици и освојува сè како Џорџ Клуни. Специјалниот му врати на препознатлив начин.

Иако беа големи ривали и понекогаш се расправаа на теренот, Ферги и Мурињо после секој меѓусебен натпревар се честеа со црвено вино. Во празничното интервју за сајтот БТ Спорт, Португалецот одговара на прашањето што го прави Сер Алекс најуспешен британски тренер на сите времиња.

„Буквално сè, почнувајќи од знаењето кое во целост го стави во служба на Манчестер Јунајтед. Денес е ретка неговата страст на теренот, а приватно е добар пријател, добра личност која има одлична смисла за хумор. Многу, многу ми се допаѓа како човек. Кога и да му поставам прашање, тој го одговара на посебен начин“, вели Мурињо за Фергусон.

Тренерот на лидерот во Премиер лигата се сеќава и на првата средба со Фергусон кога отвориле шише вино во неговата канцеларија на Стемфорд Бриџ во Лондон.

„Шишето беше дел од кетерингот на Челси, но очигледно дека не беше најдобро и со право не му се допадна на Фергусон. Мене ми беше смешна ситуација, па следниот пат кога игравме против нив, се јавив кај еден пријател и му го побарав најдоброто вино што некогаш го пиел. Од тој момент со Ферги го пиевме тоа вино кога и да се сретневме“, додава Жозе Мурињо.

Во интервјуто, Мурињо откри и дека неговата сопруга, Матилда Фарија најмногу влијае на него и дека поради неа ја одбил понудата да стане селектор на Англија.

„Во право беше кога ми кажа дека е прерано да станам селектор. Јас сум тренер од ден на ден, сакам секој ден да го чувствувам притисокот од патувања, натпревари, тренинзи. Се сеќавам дека кога одбив да станам селектор на Англија, следната недела играа пријателска средба против Франција во Париз. Јас веќе почнав да размислувам кого да викнам, кој да игра, како да играме. Тогаш жена ми дојде и ме праша кога е следниот натпревар на Англија и кога ѝ кажав за два месеци, ми одговори дека тоа не е за мене. Знае дека нема да можам два месеци да седам мирен и да размислувам. Таа не знае ништо за фудбалот, не сака да гледа фудбал, но ми помогнала многу пати во кариерата“, признава Мурињо дека е под влијание на сопругата.

Челси во следното коло игра против Вест Хем, четвртиот тим на табелата. Сините имаат три бода предност во однос на Манчестер Сити.