Мура од Словенија го урна големиот Тотенхем и тоа е најубава фудбалска бајка

Новиот тренер на Тотенхем, Антонио Конте кој донесе голем ентузијазам на „Вајт Харт Лејн“, синоќа го доживеа првиот пораз на новото работно место. Спарс изгубија 2:1 во Мура со гол примен во 90+4’ минута од последниот шут на мечот. Неверојатна радост за малиот и анонимен клуб од Словенија.

Тотенхем во Словенија дојде да обезбеди пласман во следната рунда, но во малото градче Мурска Собота, недалеку од границата со Унгарија и Хрватска (11.000 жители) доживеа историски пораз.

Играа Хари Кејн, Деле Али, Танги Ндомбеле, Дејвинсон Санчез, Сон, Дајер, Хејберг, Лукас Мура и други ѕвезди но тоа не им помогна. Тотенхем падна на трето место во групата и сензационално може дури и да не пројде во следна фаза.

Пазете го победничкиот гол во 90+4’ минута за лудило на трибините:

„После три недели почнувам да ја сфаќам ситуацијата. Не е се така едноставно. Нивото на Тотенхем во моментов не е така високо“, признал Конте дека тимот треба да се менува.

За волја на вистината Тотенхем уште од 31’ минута во прво полувреме играше со играч помалку поради црвениот картон по два жолти картони на Рајан Сесењон. Домаќинот Мура доби 7 жолти картони.

Мура е актуелен шампион на Словенија, а во моментов е на 5. место во словенечката лига и по бодови заостанува многу зад врвот.

Во последните 2 месеци Мура одиграла 11 средби и победила само на 2 - против анонимниот Алуминиј во домашно првенство и со Тотенхем во Лига на конференции.

Клубот Мура првпат во историјата игра во групна фаза на еврокуп и првпат освојува бодови. Изгубија во претходните 4 кола а од Тотенхем во Лондон примија 5 гола.

Необично, словенечкиот клуб Мура бил основан во 1924-та година но банкротирал. На негово место се појавил нов клуб - Мура 05 (основан во 2005). Мура 05 немала никакви значајни резултати, само две години биле во прва словенечка лига, еднаш завршиле трети на табела но поминале дури три квалификациски кола во Лига Европа (ги победиле Баку, ЦСКА Софија, Арсенал Киев, но во четврто коло ги елиминирал Лацио). Тоа се случувало во 2011-та а веќе пред сезоната 2012/2013 Мура 05 банкротирала.

Новата Мура е основана во 2013-та година која од аматерска лига за четири години се вратила во прва лига (секоја година по еден ранг погоре оделе).

 

Мура го претставува градот Мурска Собота кој се наоѓа близу границите со Хрватска и Унгарија. Целиот реон има околу 20.000 жители а самиот град 11.000. Стадиончето „Фазанерија“ собира 5.000 гледачи. За споредба на само една трибина од новиот стадион на Тотенхем може да се смести цела Мурска Собота.

Што се однесува до самиот град, тој е еден од поубавите во Словенија. Има замок изграден во период меѓу XIII и XV век

26 ноември 2021 - 09:39