Момците на Инѕаги се без гориво, со нов сомнителен нутриционист и недолечени повреди

Рестартот на сезоната во Серија А требаше да донесе голема битка за титулата, но како се ближи крајот, така се намалува неизвесноста. Додека Јуве штанца бодови, Лацио игра како да е на бандаж и губи од кој стигне. Нешто не штима во тимот кој е непрепознатлив за разлика од пред паузата.

Италијанско сезонава е, односно беше многу возбудливо и неизвесно за гледање, посебно за навивачите на Лацио. Клуб кој со многу поскромен буџет и помал фонд на играчи од Јуве, дрско му се спротивстави во битката за титулата.

По 26 кола имаа само два порази, па дури и два пати го совладаа шампионот на Италија. Еднаш во првенство, а потоа и во финалето на Супер Купот. Но по паузата, избраниците на Симоне Инѕаги се како друг тим. Загубија од Аталанта, Милан, Лече и Сасуоло и ги победија само Торино и Фиорентина.

Бодовната разлика од +1 за Јуве се зголеми на +8 на 6 кола до крај. По дебаклот со Сасуоло дома, претседателот Клаудио Лотито се појавил на првиот тренинг и ги собрал цел тим на разговор.

Барал објаснување за овој драстичен пад од сите: играчи, тренер, стручен штаб, а потоа зад затворени врати седнал на состанок со Симоне Инѕаги, Игли Таре и тим менаџерот Анџело Перуци. Се претпоставува дека Лотито ќе доаѓа на разговори се до мечот со Јуве закажан за 20 јули.

Од кондициониот тренер барал одговори за слабата физичка спремност на играчите, а од лекарскиот тим и Инѕаги за справувањето на големиот број на повредени играчи кои на број се дури 29 оваа сезона.

Според пишувањата на Кориере дело Спорт, прв кој добил критики на таа тема е главниот кондиционен тренер, кој се смета за еден од најдобрите. Тоа е истиот човек кој изминатото лето работел на подготовката на играчите за оваа сезона

Се претпоставува дека нешто не штима, бидејќи играчите веднаш по паузата изгледаа на уморни и како да им тежат нозете. Според овие најнови натписи има три фактори кои имаат удел во тоа: три натпревари неделно, жешко време, како и просечната возраст на играчите.

Но проблем плус е големиот број на повреди и се чини дека некои закрепнувања се премногу избрзани. Токму во ова постоеле несогласувања меѓу лекарите и кондиционите тренери во тимот со што само се зголемил хаосот во оваа вонредна состојба на довршување на сезоната.

По поразот од Сасуоло, Симоне Инѕаги изјави:

„Тимот не се однесува најдобро од психолошки аспект, а многу играчи не се топ спремни како Каталди, Леива и Милинковиќ од кои побарав да се жртвуваат, без разлика што немаат сила за цел меч“.

Дел од причините за оваа криза во Лацио, тврди Кориере е и работата на новиот нутриционист кој е ангажиран во клубот од 23 јуни. Моќта на играчите е намалена, а лекарскиот тим тврди дека тоа се должи на неговите погрешни методи во однос на секојдневните оброци.

Во Лацио очигледно многу работи не штимаат, но сепак постои рецепт за да се оддалечат од кризата, а тоа е пласманот во ЛШ по долги години пауза кој им чука на врата. Анализата за сите проблеми ќе може да ја прават со топка в раце за време на одморот.

13 јули 2020 - 16:20