Момци време е за пензија

Повремено гледаме како некои фудбалери ги прекинуваат кариерите поради несреќни повреди, но исто така има играчи кои се чини дека ќе играат засекогаш и вешто ѝ бегаат на пензијата.

Една важна позиција на теренот е во позитивна корелација со возраста. Голманот што е постар, толку се смета за поискусен и посигурен на голот. Еве неколку играчи кои се пред завршување на своите кариери.
 
Марк Шварцер, 43, Лестер Сити
Австралискиот голман кој вчера наполни 43 години и дури 25 години во професионалниот фудбал, во моментов брани за Премиерлигашот Лестер Сити. Иако се смета за совршен човек за втор или трет голман на секој клуб. многумина би се согласиле дека е време поранешниот голман на Мидлзброу, Фулам ,Челси, Брадфорд и Динамо Дрезден да стави крај на богатата кариера.
 

Роналдињо, 35, слободен играч

Секако дека денот кога Роналдињо ќе се пензионира нема да биде убав ден, но Бразилецот летово пропушти добра прилика на достоен начин да ја заврши својата неверојатна кариера.

35-годишниот плејмејкер потпиша 1 ипол годишен договор со Флуминенсе во јули, но минатиот месец го раскинаа споразумно. Таквиот развој на настаните дојде по само една сезона на Роналдињо во мексиканскиот Кверетаро и враќањето во два наврати во Атлетико Минеиро. Дали е време еден од најдобрите на сите времиња да се збогува со активното играње фудбал?

Џо Кол, 33, Астон Вила

Неверојатните повреди го спречија 33-годишниот Џо Кол да ја потврди својата класа. 33-годишниот поранешен репрезентативец на Англија можеше да се повлече многу одамна, но одлучи да оди против повредите.

Откако ја започна кариерата во Вест Хем (120 настапи), каде важеше за еден од најталентираните англиски фудбалери, Џо Кол премина во Челси во 2003. година. Сепак на Стемфорд Бриџ немаше многу шанси да се докаже, а Мирор пишува дека Кол во моментов очајно посакувал Астон Вила да го позајми во друг клуб што значи дека ќе игра уште некое време до одлуката за повлекување.

Клаудио Пизаро, 37, Вердер Бремен

Помина навистина многу време откако Чилеанецот истрча во Премиер лигата во дресот на Челси каде играше од 2007 до 2009 година.

37-годишниот Пизаро постигна 100 голови на 256 натпревари за Баерн Минхен пред да потпише со Челси. Во својот втор престој на Алијанц Арена, Пизаро освои три Бундеслиги, два ДФБ-Покал Купа, Лига на шампиони, ФИФА Светско клупско натпреварување и Супер Куп. Ја напушти Алијанц Арена летово за враќање во Вердер Бремен, но не постигнал гол уште од сезоната 2013-2014.

Чави, 35, Ал Сад

Како и Роналдињо, Чави е играч кој го разубави фудбалот со секоја одиграна сезона. Сепак, многумина сметаат дека неговиот трансфер во Ал Сад летово беше мотивиран од богатата понуда на Арапите.

Навивачите сакаа детото на Ла Масија да ја заврши својата богата кариера на Камп Ноу, но 35-годишниот Чави не сметаше така и реши да ја продолжи кариерата во Ал Сад. Таквата одлука изненади многумина кои сметаа дека Чави требал да се повлече во голем стил кога лани Барса ја освои тројната круна.

Флоран Малуда, 35, Делхи Динамос

Поранешниот играч на Челси во моментов игрра за Делхи Динамос, клуб со кој потпиша во август годинава. Некогашниот француски репрезентативец имаше блескава кариера во Челси и Лион, но дека е време за пензија покажаа неговите настапи во Трабзонспор и Мец една година подоцна.

Николас Ањелка, 36, Мумбаи Сити ФЦ

Како и неговиот сонародник Малуда, така и Ањелка сè уште игра фудбал и тоа во Мумбаи Сити каде отиде во 2014-та година. 36-годишниот напаѓач летово ја доби функцијата играч-тренер што значи дека со една нога веќе е во фудбалска пензија. Речиси е извесно дека ни самиот веќе не памети каде сè играше во кариерата и колку клубови смени.

7 октомври 2015 - 09:32