Летово, паралелно со градскиот ривал Интер, делуваше дека и во Милан дува некој пријатен ветер: екипата ја презеде перспективниот тренер Марко Џампаоло со кого Сампдорија три години по ред имаше респектабилни резултати.
Во клубот дојдоа Анте Ребиќ, Рафаел Леао, Исмаел Бенансер, Тео Родригез.
Но како што одминува Серија А така на површина излегуваат многу проблеми за Милан. „Росонерите“ го имаат најлошиот старт во последните 81 година - изгубија на четири од шест почетни натпревари од кои дури три по ред и после 6 кола имаат мизерни 5 бода од можни 18.
Последен кој им зададе удар беше Фиорентина и тоа на „Сан Сиро“ (1:3) во неделата вечер. Колата тргна низ ридот кога Матео Мусакио доби црвен картон и ги остави другарите на цедило при резултат 0:1.
До крајот Фиорентина даде уште два гола а Рафаел Леао само го ублажи поразот во финишот.
Играч на мечот беше францускиот ветеран Франк Рибери кој правеше шоу на теренот и ги собра аплаузите од навивачите на Милан. Кога во 78’ минута Рибери го постигна последниот гол за Фиорентина на мечот, во знак на протест поради катастрофалната игра на фудбалерите, навивачите на Милан ја напуштија јужната трибина (Curva Sud).
10 минути подона Рибери излезе од игра а присутните на стадионот му аплаудираа на ветеранот за настапот.
„Среќен сум. Да се игра на “Сан Сиро“ секогаш е посебно. Ова е огромна арена, има толку многу навивачи. Денес на навивачите на Милан не им е лесно, но ние одигравме навистина добро. Многу ни значи оваа победа“, рече Рибери после мечот.
А Милан продолжува да тоне.
After six rounds in Serie A, #ACMilan rank
— Adam Digby (@Adz77) September 30, 2019
1st in no. of red cards (3)
2nd in no. of yellow cards (18)
3rd in players dispossessed (64)
4th in percentage of shots from outside box (51%)
Last in goals from open play (2)
Last in shots on target (16)
(all figures via @WhoScored) pic.twitter.com/8MncPRTweD
„Имаме доверба во тренерот. Ние го избравме заедно и ќе го штитиме до крај. Очекувавме подобар почеток на сезоната, но очекувавме и проблеми. Навивачите со право го напуштија стадионот. Мораме и можеме се да смениме“, го бранеше Малдини Џампаоло после мечот.
Тренерот на Милан исто е незадоволен од играта.
„Секако, преземам одговорност на себе, но мора да се оди понатаму. Верувам во своите идеи. Разочаран сум што играчите излегоа на ’Сан Сиро’ како никогаш да не тренирале заедно. Може да се изгуби но не така како вечерва“, рече Џампаоло по тешкиот пораз.
Интересно, некои италијански медиуми (Tuttosport во прв ред) пренесоа дека Милан веќе го контактирал Андреј Шевченко, легендарниот Украинец кој е селектор на Украина и кој во неделата наполни 43 години.
Џампаоло има ултиматум до мечот со Џенова кога при евентуален пораз ќе ги пакува куферите. Но од друга страна Шевченко неколку пати изјави дека до Европското 2020 нема да ја напушти репрезентацијата.
Gazzetta dello Sport пишува дека Џампаоло за сега останува тренер но во случај на негова смена постојат неколку варијанти а тоа се Алегри, Спалети, Руди Гарсија, Раниери или Арсен Венгер.