Михајловиќ: „Гледав како тргнуваат авиони од Авиано, и ѝ викав на мајка ми оди во подрум за 5 минути доаѓаат“

Легендарниот фудбалер, сега тренер на Болоња, Синиша Михајловиќ, на прес-конференција пред мечот со Салернитана во Серија А, бил запрашан од новинарите да го прокоментира воениот конфликт меѓу Русија и Украина. Се отвори за болното минато и се расплака.

Синиша Михајловиќ е човек кој поминал низ сито и решето во кариерата. Почнувајќи од неговото родно место Борово село кај Вуковар каде во поранешна Југославија избија големи воени судири. Тој лично и самиот како млад бил сведок на немили сцени.

„Пред некој ден прочитав реченица во која се вели дека војната е богат против богат, а умираат сиромашните“, почна Синиша и продолжи:

„Сигурен сум дека војната не може и не смее да биде единствен начин на решавање на проблемите. Се еќавам кога станав шампион на Европа со Црвена звезда, тоа (војната) се случи во мојата земја. Потоа кога мојата земја ја бомбардираа, во моментот кога освојував скудето со Лацио“.

Михајловиќ се присети и колку тешко му било во 1999-та кога преку 1.030 воени авиони надлетуваа и ја бомбардираа Србија повеќе од 70 дена.

„Не е лесно да се изолираш и да се фокусираш на други работи. Замислете ситуација во која можеби нема да се слушнете со родителите со недели, не знаеш дали се живи или мртви. Се сеќавам дека слушав авиони како полетуваат од Авијано (НАТО базата во Италија) и веднаш и се јавив на мајка ми и и реков: „За пет минута ќе ве бомбардираат, оди во подрум“. И покрај сето тоа излегов на терен, но не беше лесно. Сакав тренинзите да ми траат 24 часа, натпреварите да траат цел ден. Само во тие моменти не размислував за војната и бомбардирањето.

Се надевам дека веста за војната ќе стане втора или трета вест за неколку дена, дека за месец дена веќе нема да се зборув за тоа. Луѓето не мораат да се навикнуваат на војна. Сите мораме да дадеме придонес да се заврши што поскоро“, заклучи Михајловиќ пред да се расплака и да ја приврши прес-конференцијата.

25 февруари 2022 - 16:34