Меси го доби првиот црвен картон во Барса после 753 меча

Барселона на неверојатен начин го испушти првиот трофеј под водство на Роналд Куман иако два пати водеше против Атлетик Билбао во финалето на шпанскиот Супер Куп.

Финалето на шпанскиот Суперкуп донесе луд натпревар со дури 5 гола. Фаворитот Барса поведе преку Гризман во 40' минута, Баскијците израмнија преку Оскар де Маркос во 42' минута, а Французинот одново и донесе водство на Барса во 77' минута.

И кога сè беше спремно за последна судиска свирка и славје на „блауграна“ за освоениот пехар, прво во 90' минута Ансиер Виљаибре а после во продолженијата Ињаки Вилијамс прават чудесен пресврт 2:3 и трофејот отиде заслужено за Атлетик Билбао.

Но овој натпревар уште долго ќе се памети по нешто друго.

Во 119' минута, во првото продолжение Лионел Меси фрустриран од тоа што е на пат да изгубат уште еден добиен меч, во импулсивна реакција го удри напаѓачот на Атлетик Билбао Асиер Виљалибре:

Играчите на Атлети постојано се обидуваа да испровоцираат реакција од ривалите, имаа блиски контакти при секој обид да исценираат фаул. И на крајот им појде од рака, но најчудно е што го изнервираа Меси, можеби најфаулираниот фудбалер на сите времиња кој и самиот знае како е да се биде клоцан и влечен.

Ова беше прв црвен картон за Меси во 753 настап за Барселона! Просто неверојатен податок.

Но не му е прв во кариерата. Има пар црвени картони во дресот на репрезентацијата на Аргентина.

Се сеќаваме на последниот во летото 2019-та кога на Копа Америка во дуелот со Чиле за трето место физички се пресмета со „питбулот“ Гари Медел. А првиот црвен картон го доби на дебито за репрезентацијата на Аргентина, кога штотуку што влезе во игра против Унгарија во Будимпешта и беше исклучен за груб прекршок.

Синоќа Меси не протестираше кај судиите, мирно ја прифати одлуката и го напушти теренот.