Меси многу чудно го доби вториот црвен картон во кариерата

Во мечот за 3 место и бронза на Копа Америка, Аргентина го победи Чиле со 2-1, но мечот остана во сенка на исклучувањето на Меси кој мирен каков што секогаш е на теренот, налета на најголемиот дибек во јужно-американскиот фудбал и пошироко, Гари Медел.

После само 12' минути игра Аргентина поведе преку Серхио Агуеро на асистенција на Меси а во 22' минута веќе беше 2-0 (Дибала).

Во 37' минута од првиот дел се случи најчудниот настан на овогодинешната Копа Америка. Меси тргна по една топка во шеснаесетникот на Чиле, а Гари Медел ја градеше за таа да излезе во гол-аут. Кога топката веќе отиде надвор, Меси и Медел влегоа во еден дуел, поточно Чилеанецот му се пушти на Лео и го туркаше силно со глава а овој со кренати раце се обиде да избегне контакт.

Но судијата Марио Дијаз Де Вивар во ист момент им покажа црвен картон и на двајцата, иако не е јасно зошто Меси беше исклучен а не направи апсолутно ништо.

Уште почудно е што судијата не ја смени одлуката ни по консултација со ВАР:

На крајот ни агресивниот Медел не можел да разбере зошто и нему и на Меси судијата им покажал црвен картон:

„Се согласувам дека беше за жолт картон. Имаше неколку искри, но судијата можеше да ја смири среди ситуацијата многу подобро“.

МЕСИ ОДБИ ДА ПРИМИ МЕДАЛ И КАЖА ДЕКА СЕ ПРАВИ СЕ ЗА БРАЗИЛ ДА ОСВОИ ЗЛАТО

После триумфот на Аргентина, Меси не излезе на официјалната церемонија на наградување иако сите правила му дозволуваа да се врати на терен и да добие медал. Тој одбил од принципи.

„Не сакам да бидам дел од оваа корупција. Нам не ни треба ништо што е од непочит со која се среќаваме низ целата Копа. Можевме да поминеме понатаму, но не ни дозволија да стигнеме до финале. Корупцијата, судиите и се останато не им дава на луѓето да уживаат во фудбалот.

Јас секогаш зборувам чесно. Не ме интересира ако моите зборови ќе доведат до последици. Мислам дека црвениот картон ми се случи поради тоа што го кажав после мечот со Бразил. Жолт картон ќе беше доволен за таа ситуација (со Медел)“, изјавил Меси после Чиле.

Лионел по дуелот со Бразил во полуфинале остро го нападна КОНМЕБОЛ дека судиите постојано вадат картони и дека не гледале повторена снимка од спорните моменти.

„Без сомнение, за жал мислам дека се се прави во корист на Бразил. Се надевам дека судиите и ВАР никако нема да влијаат на мечот (финалето) и дека Перу ќе може да се спротивстави. Но тешко ќе биде“, додал Меси.

ОВА Е САМО ВТОР ЦРВЕН КАРТОН НА МЕСИ НА ПРЕКУ 600 МЕЧА ВО КАРИЕРАТА

Првиот црвен картон Лионел го доби на 17 август 2005 година и тоа на најневеројатното деби за репрезентацијата на Аргентина.

Селекторот Хозе Пекерман го пушти 18-годишниот Меси во 63' минута наместо Лисандро Лопез на пријателската против Унгарија во Будимпешта.

После само 44 секунди Меси при еден дуел со Вилмош Ванцак, со желба да избегне Унгарецот да го влече за дрес, го удри со лакт и доби директен црвен картон. Суровиот судија беше Германецот Маркус Мерк.

АРГЕНТИНЦИТЕ УШТЕ ПРЕД МЕЧОТ СОМНЕВАЛЕ

Парагвајскиот судија Марио Диаз Де Вивар има 35 години, а на професионално ниво на репрезентации судел само два меча и тоа во квалификациите за Светско првенство 2018 (Боливија - Еквадор и Бразил - Еквадор). Еднаш судел на тековната Копа Америка 2019 (Чиле - Перу).

Аргентинските медиуми после мечот со Бразил кога нивната репрезентација на два пати беше оштетена за пенал, активно обрнале внимание за неискуството на судијата на мечот за 3 место.