Меси добива статус на божество во Индија

Најдобриот фудбалер на сите времиња според многумина, Аргентинецот Лионел Меси кој во 2022 стана светски шампион со својата Аргентина, ќе добие голема статуа во индиската држава Западен Бенгал. Се очекува Меси да присуствува на отворање на церемонијата по повод поставување на овој голем споменик кој со 20 метри ќе биде највисок споменик на некој спортист на светот.

Статуата ќе биде во непосредна близина на спортскиот центар на клубот Шри Буми. 

„Нема поголема статуа на Меси во светот. Тој има голем број обожаватели овде. Луѓето велеа: Имаме статуи на Марадона, зошто да немаме на Меси? Како што стојат работите, Марадона, Роналдињо и Емилијано Мартинез веќе беа овде“, вели министерот во владата на Западен Бенгал Суџит Бозе кој е и прв човек на спортскиот клуб „Шри Буми“.

Се очекува Меси да пристигне на местото на настанот во сабота на 13-ти декември а со него би требало да дојдат уште и Луис Суарез и Родриго Де Пол, двајцата негови најдобри пријатели и соиграчи од Интер Мајами.

 

12 декември 2025 - 09:58