Марамчето на господин Кеј и раѓањето на судијата како професија

Шкотска - Англија, 30 ноември, 1872-ра година. Тогаш се случува револуцијата со првиот судија на фудбалски натпревар. Каков бил? Голем, дебел и непристрасен. Немал свирче, туку бело марамче.

Се викал Вилијам Кеј, Шкотланѓанец во националност, висок 190 см, тежок 105 кила. Неговата импозантна градба била една од причините зошто бил избран да игра улога која до тој момент не постоела: фудбалски судија.

За да се задржат настрана 22 кавгаџии кои се бркале на терен, истовремено трчале по една топка и се клоцале, потребен бил човек со значителна физичка способност, како и одлични морални квалитети.

Во одредени моменти тој морал да се вмеша меѓу нив и да ги раздвои за да спречи еден нормален фаул да не прерасне во тепачка во која може да се вклучат екипите, па дури и гледачите.

Затоа, немало сомнеж кога требало да се одлучи кој да го суди првиот меѓународен фудбалски натпревар во историјата меѓу Шкотска и Англија, одигран на 30 ноември 1872-ра. Господинот Вилијам Кеј бил најадекватната личност.

ГОЛЕМ, ДЕБЕЛ И ГОСПОДИН

Не било важно тоа што е Шкотналѓанец кој можел да им попушта на своите сонародници, а уште помалку важно што бил благајник на Квинс Парк, тимот од Глазгов од каде практично доаѓале сите репрезентативци на Шкотска.

Лојалноста бил апсолутен принцип во тоа време и никој, дури ни противниците не се осмелиле да ја доведат во прашање добрата воља на Кеј кога требал да донесе некоја одлука.

Натпреварот Шкотска - Англија, кој бил и еден вид филозофски дуел помеѓу таканаречената игра на додавања, односно игра базирана на кратки додавања што ја практикувала Шкотска и брза игра со дриблинг поставена од Англичаните, завршил 0:0.

За одлуките на Кеј, кој за да сигнализира неправилна интервенција употребувал бело марамче, немало протести. Имало бројни фаули, па дури и доста насилни дури и во пионерските денови на фудбалот, но тој се справувал со секоја ситуација и ги терал сите да се согласат.

Дури и јавноста, главно шкотска со оглед на тоа дека мечот се играл во Глазгов, се изјаснила дека е задоволна од работата на судијата. Новинарите на главните спортски весници ја истакнале умешноста на Кеј во менаџирањето на натпреварот. Како што се вели денес, знаеше да го контролира натпреварот.

 

ПОБЕДИ И ПРАВИЛА

Претходно имало обиди, сите неуспешни, да се водат натпреварите со помош на двајца претставници на двата тима. Во 1841-ва пред натпревар во Манчестер, било договорено играта да ја контролираат двајца кои ќе гарантираат усогласеност со правилата.

Но за победникот имало богата парична награда и буре со џин, па прималивите влогови биле причината да се игра валкано на штета на противникот.

Така била донесена одлука да се назначат двајца доверливи луѓе на двете екипи, кои од трибина ќе ја набљудуваат играта и ќе ги решаваат најтешките прашања.

Може само да се замисли во отстуство на снимени документи и новинарски прилози, како и им било, опкружени со гледачи кои им дофрлаат: „Тоа е фаул“, „Тоа е за црвен“, Топката ја мина линијата“. Пекол.

Експериментот траел многу кратко, а судиите биле замолени да се спуштат на терен, а потоа да бидат заменети со еден, непристрасен.

ОФИЦИЈАЛИЗИРАЊЕТО НА СУДИЈАТА

Во време на ВАР, на судии опремени со слушалки секогаш во контакт со некаков оперативен центар, сличен на оној што од Хјустон управува со лансирање на вселенски шатл, е смешно кога ќе се помисли на господинот Вилијан Кеј и сите негови наследници во периодот во кој фудбалот сè уште бил бебе за доење.

Официјализирањето на судиската работа се случила дури во 1891-ва и во тој момент била утврдена нејзината важност во играта. Не можело да се игра натпревар без него, бидејќи тој бил одговорен да обезбеди почитување на правилата. Како судија во судница кој го има последниот збор.

А ако се навратиме на пионерот Вилијам Кеј и неговата градба, не смееме да го заборавиме фактот дека долго време судиите честопати биле физички големи. Не дека им кревале раце на играчите, таман работа, туку нивната умешност отсекогаш била гаранција за авторитет.

СÈ ДО ВАР

Многу често во современиот фудбал сме сведоци на неубави сцени, играчи кои претерано протестираат, кои го опкружуваат судијата, го навредуваат. Теренот често станува слично како место од Дивиот Запад и тоа секако не е вина на судиите.

Сега има четворица кои се обидуваат да ги контролираат се побурливите играчи: главен судија, двајца помошници и четвртиот судија. Но резултатот многу често е депресивен.

Но причините зошто тоа се случува се едноставни. Нема доверба, а судијата не се смета за апсолутен чувар на спортската лојалност. Затоа не му е доделена улогата која, напротив, во 1872-ра му била доделена на господинот Вилијам, кој и покрај тоа што како Шкотланѓанец го судел мечот Шкотска - Англија, работата ја вршел непристрасно.

Ако не се вратиме на вредностите на кои се засновала фигурата на судија, нема ВАР што ќе нè одржи. Секогаш ќе има грешка, превид, малку искривена интерпретација, дури и неправда. Тоа е дел од нормалноста, од животот. 

Важно е секогаш да не се мисли дека зад секоја грешка стои намера. Инаку ако не постои доверба во тој што треба да ги спроведува правилата, за што зборуваме? Тогаш не треба да излезете на терен.

6 ноември 2023 - 14:51