Малтерџија - најдобар стрелец во Англија

Најдобар стрелец за изминатата сезона во Англија не е Робин ван Перси, ниту Вејн Руни, туку фудбалер од шестата по ранг лига кој тренира само кога има слободно време помеѓу две малтерисувања.

Робин ван Перси постигна 30 гола за Арсенал, но најдобар стрелец во Англија за минатата сезона е 26-годишниот Демиен Ривс. Тој настапуваше за фудбалскиот клуб Олтрингем од англиската Конференција 2, група Север (шестта по ранг лига во Англија) и на 42 натпревари постигна 44 голови.

Притоа тој тренирал само кога имал слободно време затоа што имал густ распоред со неговата приватна фирма каде работи како малтерисувач.

Во моментов тој е слободен играч откако минатиот месец му истече договорот, а за неговите услуги се заинтересирани неколку поголеми клубови. За Ривс е заинтересиран и Килмарнок од шкотската Премиерлига, но тој најверојатно ќе ја прифати понудата на фудбалскиот клуб од неговиот роден град Донкастер.

Ривс ја започнал кариерата во младинската школа на Лидс, но на 15-годишна возраст решил да почне да работи, а фудбалот да му биде само хоби. Најголем успех во неговата кариера е играњето за Телфорд во англиската петта лига, а откако потпиша за Олтрингем пред две години има постигнато вкупно 64 гола на 79 натпревари.

26 јуни 2012 - 10:16