Апсолутна доминација на македонските фудбалери вечерва во Ерменија и три бода за продолжување на сонот наречен Мундијал.
Успешен беше експериментот на селекторот Благоја Милевски со подзаборавениот Стефан Ашковски, кој на 29 години првпат блесна во националниот дрес. Лев бек по вокација, вечерва играше високо по десната страна од каде постојано ја пробиваше противничката одбрана.
Со стандардните Димитриевски на голот и Велковски, Муслиу и Алиоски и принудно со Костадинов како десен бек, во средината со Барди, Елмас, Ашковски и Чурлинов и со Трајковски и Милан Ристовски, Македонија ја одигра можеби најдобрата партија откако селектор е Милевски.
Од сам старт тргнавме јуришно кон голот на Јурченко и тоа донесе многу шанси. На голот чекавме 22’ минути а го проектираше Ашковски. Во стилот на Меси издрибла 3, 4 противнички дефанзивци и на тацна му намести асистенција на Трајковски за 1:0.
Водството како уште повеќе да ги окуражи македонските репрезентативци кои почуствуваа дека се далеку поквалитетни од ривалот.
Во 36’ минута Енис Барди зголеми на 0-2 со фантастичен шут од далечина и на полувреме отидовме со комфорна предност.
Во вториот дел Ерменците се обидоа да се вратат во игра, но едноставно вечерва не можеа со мотивираните македонски фудбалери.
Од благата иницијатива на домаќниот ни се пружија шанси за контра напади, па од една таква акција Барди сам се избори за пенал кој го релизираше за 0-3.
Леснотијата со која стигнувавме до противничкиот гол овомозможи во листата на стрелци да се запише и шпицот Милан Ристовски кој го постигна вториот гол во националниот дрес.
Апсолутната доминација ја потврди Енис Барди со хет-трик, гол од пенал за убедлив триумф од 0-5.
Македонија сега е втора на табелата и ќе го чека исходот од вечерашниот меч Романија - Исланд на кој исклучително важно ни е гостите да останат непоразени, за да во последното коло токму против нив да решаваме за патникот во толку посакуваниот бараж.
Сите голови од мечот Ерменија - Македонија 0:5 (0:2)