
Најдобрите македонски фудбалери во Палермо на 24 март следнава 2022-ра ќе играат против актуелниот европски шампион Италија која во летото 2021 на сред „Вембли“ ја урна Англија во големото финале на ЕВРО2020.
ФФМ соопшти дека според правилникот, македонската фудбалска федерација ќе може да смета на 1.300 влезници (пет проценти од вкупниот капацитет на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо).
Притоа фудбалските чиновници соопштија и дека вториот полуфинален дуел меѓу Португалија и Турција ќе се игра на „Драгао“, стадион на Порто а доколку Кристијано Роналдо и другарите обезбедат финале, ќе играат на истиот стадион против Италија или Македонија. Во случај Турција да направи подвиг и да ја совлада Португалија на гости, Турците ќе бидат домаќини на стадионот на Коњаспор во финалниот дуел за пласман на големиот Мундијал.
Останува да се види како ФФМ ќе ги распредели картите и како ќе ја организира продажбата, со оглед на тоа што има голем интерес во земјава за гостување на Сицилија, но под знак прашање е целата организација зошто Македонија до неодамна беше на црната листа во Италија како земја со голем број нови случаи на глобалниот вирус.