Кога во 2004 година Клаудио Лотито го купи Лацио, клубот беше пред гаснење. Римјаните имаа долг од неверојатни 550 милиони евра.
Пар дена фалеа до тоа финансиските комесари да го урнат Лацио од внатре: да се продадат сите играчи и недвижнини, да се објави банкрот и клубот да заврши во најниска аматерска лига.
Денес Лацио знае како е да се биде претендент за скудето и еден од финансиски најздравите клубови во Италија. Акциите на овој клуб пораснале за три пати.
Од таков колапс Клаудио Лотито кој на времето излегол од факултет со празни џепови, денес од сенка ја контролира Серија А и му пркоси на семоќниот Ањели.
ДРУЖБА СО ПОЛИТИЧАРИ И ДОГОВОРИ ЗА ДРЖАВНИ РАБОТИ
Педагогијата немало да му донесе сериозна заработка. Лотито тоа го сфатил на крајот од '70-те години кога дипломирал на La Sapienza (најдобриот универзитет во Италија според рејтингот на CWUR) и наместо на пост-дипломски студии, отишол во журналистика но и таму брзо се разочарал од хонорарите.
Кога настапиле '80-те години во политичкиот живот на Италија владеел хаос. Лотито ги напуштил весниците во кои работел, а за следните неколку години од неговата биографија нема апсолутно ништо.
Во 1992 година првпат „се прославил“. Неговиот лик се појавил на насловна на Il Messaggero - еден од најголемите весници во Италија. Енергичниот млад Клаудио западнал во махинации со тендери. При неговото апсење му пронашле пиштол за кој имал дозвола.
Таквите вести биле секојдневие во тоа време во Италија, но Лотито не губел време. Во 1987-ма основал компанија за чистење Snam Sud. Многу брзо неговиот холдинг влегол и во угостителството (Bona Dea) и во обезбедување (Roma Union Security). Фирмите брзо раснеле и за пар години станале лидери во престолнината.
Тоа било време на масовни приватизации кога чиновниците и директроите тесно соработувале, земале некои нестратешки делови од јавниот сектор, а Лотито најдобро од сите сфатил како да се крене во необични услови.
„Тој лебдеше во валканиот свет меѓу бизнисот и политиката“, вели за Лотито новинарот Џанфранческо Турано во книгата Fuorigioco.
Во меѓувреме се оженил со ќерка на еден градежен магнат и влегол во една од највлијателните династии на Рим (во ХХ век семејството Меѕарома ја градела пола престолнина).
Клаудио Лотито тогаш станува крал на јавните набавки. Нему му припаднале договорите за опслужување на државните зданија и големи болници. Тој ги чистел главните коридори во Италија и многу брзо стекнал потребни врски.
Тој не бил единствениот снаодлив и тоа довело до распад на Првата Република (новинарски израз Prima Repubblica кој се однесува на политичкиот систем на Република Италија од 1948 до 1994). Кога во 1992 година судството ја организирало легендарната операција „Чисти раце“, се испоставило дека во Италија нема држава туку само огромна корупциска машина.
Повеќе од 100 депутати (пратеници) работеле за мафијата, носители на јавни функции се хранеле од бизнисмени, а политичари продавале владини договори. Системот пропаднал. Лотито успеал да куртули и во Втората Република влегол со репутација на чист бизнисмен.
Додека поранешните конкуренти го пробувале квалитетот на храната во италијанските затвори, Лотито правел чуда во политичката еквилибристика.
Тој се споил со демо-христијаните, се дружел со десно-центристите на Берлускони а кога ги смениле нив и кога се чинело дека итриот Лотито конечно ќе потоне - тој го покажал најголемиот финансиски раст во историјата на холдингот Lotito Group.
Тој сфатил дека топ бизнис се прави со врски и никакви реформи нема да го сменат тоа. И секогаш бил добар со вистинските пријатели.
ГЕНИЈАЛНО ГО СПАСИЛ ЛАЦИО ОД ПРОПАСТ
Серџо Крањоти беше уникатен сопственик. За 11 години газда на Лацио тој ниту еднаш не ја кренал цената на карти и никогаш не тргувал со трансфери. Крањоти секогаш се плашел да ја наруши светоста на фудбалот но таа пожртвуваност го чинеше скапо.
Во 2003-та Крањоти прогласи банкрот. Банкарскиот конгломерат Capitalia му дал ултиматум - да го остави Лацио за да го спаси гигантот Cirio. Но ни тоа не го спаси зошто една година подоцна беше обвинет за измама со даночните обврзници.
После година дена Capitalia му го продала клубот на Лотито. Над Лацио висел огромен долг но главен проблем биле неплатените даноци.
Крањоти неколку години не плаќал даноци на огромни плати. Лацио и должел на државата 140 милиони евра, а Лотито имал шест месеци да докаже дека финансиските чуда се можни.
Клаудио го купил Лацио за 21 милиони евра земени на кредит. Дел од парите ги позајмил од Марио Маѕини, еден од лидерите на десничарската Forza Italia, не за пратеникот да има тежина во управата на клубот, туку за негова доволна лична заинтересираност за клупскиот успех.
Тогаш и почнале чудата.
Брзо се појавил указ за заштита на фудбалот (даночни олеснувања за клубовите), а секој што бил одговорен за разработка на овој указ, бил вака или онака поврзан со Лотито.
лидерот на Forza Italia и тогашен министер за финансии Тремонти, а година дена подоцна и премиерот Силвио Берлускони кој исто бил пријател со Лотито се согласил на тој указ и му дозволил на Лацио да плаќа на рати.
Наместо астрономски 140 милиони евра во еден ден, долгот треба да се враќа по 6 милиони годишно до 2028-ма година. Истовремено Лотито го реконструирал клубот за кој уште играа Михајловиќ, Албертини, Јап Стап - наследство од Крањоти, екипа која што Фергусон ја нарече најдобра на светот.
„Јас бев како Исус кога ги избрка трговците од храмот. Клубот имаше 550 милиони евра долг. Земав на себе кредит од 1,7 милијарди евра од државата и многумина ме сметаа за луд. Но за мене тоа беше предизвик.
Во 2010-те години освоивме повеќе трофеи од кој било друг во Италија освен Јуве. За цело тоа време не вложив ниту едно евро. Само мозок. Создадов иновационен систем, ги определив основните принципи на развој и сега вредноста на тимот на Лацио изнесува 600 милиони евра а клубот има активен имот од 200 милиони евра“, вели Лотито.
Од 2010/2011 до денес Лацио осви 4 пехари - 2 Купа на Италија и 2 Суперкупа.
Лотито не само што не потрошил ни евро, туку у заработил. Lotito Group нуди услуги за обезбедување, храна, чистење и маркетинг.
Тие пумпаат во Лацио неколку милиони евра годишно, а кога ќе треба да платите некому а можете на самиот себе, зошто да не?
Апетитот на претседателот Лотито влијаел дури и на изградбата на нов стадион. Италијанските закони забрануваат изградба на станбени објекти на земјоделско земјиште и тоа многу ги спречува инвеститорите.
Но Лотито се обидел да ги измами правилата - да добие дозвола за изградба на стадион, а под маската на тоа да изгради нов реон со 12.000 домови. Градот го одбил и Лотито и натаму плаќа кирија за користење на „Олимпико“.
Во последните 16 години Лацио само три пати ја завршувил годината без приходи. Римјаните ги вратиле сите долгови (наводно останале само оние од даночните затајувања) и неколку години работат во плус.
Наесен ќе играат и во Лига на шампиони. Во последните 11 години освоија 6 трофеи, само еден помалку од ерата на Крањоти.
РАСТОТ НА ЛАЦИО Е БАЗИРАН НА НЕКОЛКУ ПРИНЦИПИ:
1. Постојан раст во сите сфери. Лотито е уверен дека финансиските и спортски резултати одат заедно и дека приходи без загуби не биваат. Растат на цените на карти и приходи од тв права, но пропорционално растат и платите и вредноста на играчите.
Поради ова на Лацио не му се заканува она што и се случува на Рома. Палота научил да заработува, но не сакал да троши пари па од полуфиналист во Лига на шампиони, Рома падна на просечен европски клуб.
2. Стратешки инвестиции. Лотито ја модернизирал клупската база во Формело која што ја изгради Крањоти.
Таму сега има прав спортски град. Во Формело се спрема првиот тим, а играат младинците и тренираат децата од академијата која што Лотито самиот ја отворил во 2014-та.
Оваа академија работи на принципите на Ајакс (прв директор бил поранешниот помошник на Ван Гал - Јоп Јансен). Лотито вели дека ова е прва академија во Италија, но иако не е така, вистина е дека на тоа рамниште можеби е само академијата на Аталанта.
ЛОТИТО ЈА ПОДМАЧКАЛ И ФЕДЕРАЦИЈАТА И СЕРИЈА А, ПА ПОСТОЈАНО ГО ПОБЕДУВА АЊЕЛИ ВО ЗАДКУЛИСНИ ИГРИ
Кога во 2001-ва година Џулио Тремонти седнал во фотељата за министер за финансии, Лотито веќе имал силно влијание за притисок врз институциите, но му требало свој човек.
После неколку дена откако Тремонти бил назначен за министер, на еден од неговите советници му заѕвонел телефонот:
- Здраво, овде Лотито. Чистачот.
- Грешка сте, господине.
- Не, не. Пренесете му на министерот дека сме заинтересирани за тоа Винченцо Фортунато да биде шеф на кабинетот. Однапред ви благодарам.
Ако тргнел на министерот, ќе му се смееле. Но Клаудио точно знаел каде да врши притисок. Го одбрал советникот, недоволно голем да може да игнорира крупен бизнисмен, но доволно близок до Тремонти. И набрзо Фортунато станал шеф на кабинетот.
Ова покажува дека Лотито немал ни недостиг од пари, ни недостиг од реална помош од власта.
Во италијанскиот фудбал играат многу поголеми бизнисмени од Клаудио. Пример Ањели за еден месец заработува колку Лотито за цел живот, со нога отвора врата кај министрите во влада и директно влијае на политиката и економијата на земјата.
Милан го води гигантот Eliot којшто е инвестиционен хеџ-фонд од кој се плаши цела земја. Интер го води еден од тројцата најбогати Кинези.
Но Клаудио Лотито, син на карабињер, со локален бизнис, го дрма италијанскиот фудбал.
КАКО ОД СЕНКА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЛАЦИО ГО КОНТРОЛИРА РАБОТЕЊЕТО НА ФЕДЕРАЦИЈАТА И НА СЕРИЈА А
Секако, Лотито не станал шеф преку ноќ. Во 2011-та година ја купи Салернитана и добил глас во пониските лиги. Тогаш стекнал и силно влијание, Салернитана излезе од сенката и се пласираше во Серија Б.
Во 2014-та година близок пријател на Лотито, контроверзниот Карло Тавекио стана претседател на италијанската фудбалска федерација. Лотито на изборите лобирал за него. Влијаел за гласови во сите италијански лиги и лесно „ја удавил“ конкуренцијата.
По иста шема го направил и Маурицио Берета претседател на Серија А.
После ова Клаудио Лотито цели три години директно влијаел врз сите процеси во италијанскиот фудбал. Марота уште додека беше во Јувентус е жалеше дека Лотито има голема власт. Во 2017-та Тавекио беше избркан од федерацијата, но Лотито брзо воспостави нова власт.
Сега Федерацијата ја води уште еден близок човек на Лотито, Габриеле Гравина.
Во јануари годинава газдата на Лацио се приближил и до луѓето од управата на Серија А.
На место претседател на Лигата претендираа Паоло Дел Пино и Гаетано Мичике. Овој вториот го поддржаа Ањели, Марота (Интер) и Урбано Каиро (медиамагнат, газда на Торино), како и претседателот на Олимпискиот Комитет на Италија Џовани Малаго.
Им требал конзервативен и безгласен претсеадтел со цел Sky да ги задржи тв правата. Лотито се заложил за Дел Пино. Него му требал претседател кој ќе се согласи на прераспределба на приходите и продажба на правата на неколку ТВ канали (Mediapro, DAZN и Sky).
КАКО УСПЕАЛ ДА ГО ПОБЕДИ И ГОЛЕМИОТ АЊЕЛИ?
Лотито првично се концентрирал на малите клубови, но овојпат Ањели му спремал изненадување. Пред самото гласање Ањели побарал пауза.
Кога состанокот на сите прволигаши продолжил, Фиорентина, Каљари, Милан и Сасуоло го напуштиле ставот на Лотито. Поголемите клубови прогласиле победа но уште не знаеле дека Лотито секогаш е чекор понаред.
Додека Ањели и Каиро ги убедувале своите неистомисленици, претседателот на Лацио веќе направил коалиција. И собрал четири гласа повеќе.
„Го поставив Дел Пино во Серија А и на местото претседател. Он е добар човек и прав професионалец. Со него ќе може да направиме чекор понапред во работата со ТВ права. Мора да бараме пари. Никој нема сам да ги донесе“, рекол Лотито после победата.
Така Клаудио го контролира италијанскиот фудбал преку првите луѓе на двете најважни институции во калчото.
Тој не е од оние што се срами да ја користи власта. Пред неколку години тој бил прв за забрана на клубови-филијали, а после тоа самиот го изиграл ова правило и Лацио стана единствен клуб со филијала во пониските лиги.
Лотито влијае на продажбата на тв правата, влијае врз изборот на селектор на репрезентацијата (затоа на времето го поставија анонимниот Вентура, а не Манчини со кој Лотито е скаран) итн.
Дури и сезоната во Италија по страшната пандемија со вирусот продолжи само поради Лотито. Против рестарт беа повеќе од половина клубови во Серија А, а главни противници беа министерот за спорт Винченцо Спадафора и шефот на ИОК Џовани Малаго.
Лотито успеал да влијае на одлуката, ги оставил Малаго и Спадафора во малцинство и се избори за рестарт.