Мајорка се врати во Ла Лига после 6 години и тоа на луд начин

Во втората шпанска лига Сегунда заврши плејофот за место во елитната Ла Лига од следна сезона. Мајорка го изгуби првиот меч од Депортиво Ла Коруња со 2:0 и кога сите се помирија дека се е готово, островскиот тим направи чудо.

Мајорка во возвратниот дуел победи со 3:0 и направи моќен камбек во Примера, каде ќе игра првпат после цели 6 години. Со головите на Будимир во 21’ минута, Севиља во 62’ и Пратс во 82’, Мајорка го воодушеви европскиот фудбал и се враќа на големата сцена во Ла Лига.

(пратете го третиот гол на Пратс за историја):

Меѓу илјадниците навивачи беше и Рафаел Надал кој отсекогаш навива за клубот од родното место, а луда прослава на триумфот имаше и Стив Неш, легендарниот НБА кошаркар кој има мнозинство акции во фудбалскиот клуб Мајорка.

На прес конференцијата после мечот тренерот Висенте Морено го освежија со традиционалниот шампањ

Инаку Морено е главниот архитект на враќањето на Мајорка во Примера. 44-годишниот Шпанец ја презеде екипата во јуни 2017-та година кога Мајорка уште мака мачеше во Сегунда Б, третата шпанска лига. За две сезони Морено ги однесе две скалила погоре и ја врати Мајорка во елитата.

Клубот за кој настапуваа многу фудбалски ѕвезди меѓу кои најпознати се Самуел Ето и Ариел Ибагаза, влезе во баражот за Ла Лига од петтото место во Сегунда (директен пласман обезбедија Осасуна и Гранада). Во полуфиналето на плејофот Мајорка го помина Албасете (2:0, 0:1), а во финалето направија чудесен подвиг после поразод од 2:0 на првиот меч.

Во 2016 година за 21 милион долари акциите на Мајорка ги откупија Роберт Сарвер - сопственик на кошаркарската франшиза Феникс Санс и Стив Неш, двократниот MVP во НБА, како и поранешниот фудбалер на Болтон и репрезентацијата на САД Стјуарт Холден.

Стив Неш и Холден исто знаеа како да го прослават враќањето на Мајорка во најдоброто друштво со Реал, Барселона, Севиља, Валенсија и другите.

МАЈОРКА ИСПАДНА ОД ЛА ЛИГА ВО 2013

Островскиот клуб испадна во Сегунда во сезоната 2012/2013 после цели 16 години во највисок ранг. Клубот се обидоа да го спасат од испаѓање Хоакин Капарос и Грегорио Мансано но безуспешно.

Слабиот состав (најпознат играч им беше позајмениот играч на Барса Џовани Дос Сантос) имаше мизерни 9 победи на 38 меча и 19 примени гола на четири меча со Барселона и Реал Мадрид. Во сезоната 2012/2013 завршија 18-ти и заслужено испаднаа од лига.

Следната сезона клубот три пати менуваше тренер но едвај успеваше да се спаси од испаѓање во трета лига. Во летото 2014 година легендарниот руски фудбалер, а денес тренер, Валериј Карпин проба да ја заживее екипата но освои само 2 бода на 7 беча и во февруари 2015 Карпин доби отказ а клубот беше на 15. место.

Во тоа време единствена светла точка во клубот беше Марко Асенсио кој даваше голови и асистираше, но не можеше сам да ја поведе Мајорка кон врвот. За таквите настапи Асенсио беше прогласен за играч на месецот во Мајорка, а во декември 2014 година потпиша со Реал Мадрид. Тој ја доигра сезоната во Мајорка, но тимот беше 16. место.

Сега клубот од прекрасниот остров живее прекрасни времиња и сите жители на Мајорка се радуваат што после цели 6 години одново ќе ги пречекаат Реал, Барса, Атлетико, Севиља, Билбао и останатите прволигаши.

25 јуни 2019 - 15:40