
Жоао Педро Жералдињо дос Сантос Галвао е правото име на 29-годишниот Бразилец роден во Ипатинга.
Интересно во 2009-та играл за репрезентацијата на Бразил У-17 и настапил удри на јуниорско Светско првенство во Нигерија. Заедно со него во таа селекција биле и денешните ѕвезди на светскиот фудбал Алисон Бекер, Кутињо, Каземиро и Нејмар.
Тој е права легенда на Каљари, клуб каде игра цели 7 години и каде од сезона во сезона е во самиот врв на најдобрите стрелци во италијанската Серија А.
Во пролетта 2010-та, 18-годишниот Жоао Педро кој бил напаѓач, станал дел од експеримент на тренерот Вандерлеј Луксембурго кој му ја сменил позицијата и од класичен шпиц го ставил да игра крило. Но иако сака да игра во средниот ред, тој најдобро се снаоѓа во самиот напад.
Жоао Педро својата кариера ја започнал во бразилски Атлетико Минеиро. Во 2010-та првпат доаѓа да игра фудбал во Европа но не се прослави во Палермо кој го праќаше на позајмици во Виторија Гимараеш (Португалија) и Пењарол (Уругвај). Сицилијанците тогаш го имаа сјајниот Хавиер Пасторе и немаше многу место за Педро.
Се врати кратко во татковината каде заигра за Сантос (се сретнал со Нејмар пак), па потоа во португалски Ешторил за да од 2014-та почне неговата одисеја во Каљари од Сардинија.
„Се враќам во Италија во право време. Созреав и поминав одлична сезона во Ешторил. Се чувствувам спремен за овој нов испит. Знам дека екипата е силна. Ќе се трудам да помогнам зошто знам дека Каљари може многу повеќе“, рекол Педро на кого му се сменија многу тренери во Каљари меѓу кои и Зденек Земан и Валтер Ѕенга.
Во 2016-та го постигнал првиот хет-трик за клубот од Сардинија кој за жал тогаш испадна во Серија Б. Педро таа сезона постигна 13 гола и беше меѓу најдобрите стрелци во Серија А.
Неговиот стил на игра е многу специфичен. Тој е прилично мрзелив фудбалер кога топката не е во него, но кога ќе има посед, тогаш е тешко да му се земе, силен е и брз во продорите кон противничкиот гол. Одлично изведува и слободни удари.
Во 2018-та година добил 6-месечна суспензија за употреба на допинг: неговиот бразилски лекар по спортски прашања му препишал погрешен лек кој бил строго забранет од ФИФА и УЕФА. Му се заканувала повеќегодишна суспензија како на нашиот Аријан Адеми, но на крај се спасил.
Со 80 гола на 231 меч Жоао Педро е права клупска легенда на Каљари.
ГО СПРЕМААТ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА, МАНЧИНИ НЕМА НИШТО ПРОТИВ
Италијанската фудбалска федерација, поддржана од новинарската фела и јавноста, ја разгледува можноста Жоао Педро да настапува за Аѕурите како натурализиран играч. Тој веќе одамна има италијански пасош.
„Федерацијата е заинтересирана за сите фудбалери кои може да играат за репрезентацијата. Ние бараме три позиции и сите се во процес. На себе ги превземаме формалностите, а понатаму ќе решава селекторот кого ќе викне а кого не“, рекол претседателот на Италијанската фудбалска федерација (FIGC) Габриеле Гравина на прашање за нови натурализирани фудбалери за Италија во пресрет на баражите за Светско првенство 2022 во март 2022.
Интересно италијанскиот печат одвреме-навреме пишува дека документи со кои би станале легитимни италијански државјани би можеле да добијат и фудбалерот на Лацио Луис Фелипе, стоперот на Рома Рожер Ибањез и шпицот на Каљари Жоао Педро (оженет е за Сицилијанкаа Алесандра со која се запознале во 2011-та кога играл за Палермо и имаат две деца Андре Фелипе и Елизабет)
Веднаш по ждрепката за баражите за Светско 2022, во кои Македонија ќе игра во полуфинале против Италија а победникот против подобриот од мечот Португалија - Турција, селекторот на европскиот шампион, Роберто Манчини на прашањето за Жоао Педро во репрезентација рекол:
„Не сме зборувале сè уште, ќе видиме и ќе процениме. Имаме добри играчи, Жоао Педро е одличен напаѓач кој го знае првенството, но да не заборавиме и што направија дечките на Европското. За нас ќе ни биде важно да ги имаме сите играчи на располагање“.
А самиот Жоао Педро за идејата да заигра за Италија рекол:
„Би лажел ако би рекол дека не ми годи. Тоа е највредниот дрес, репрезентација најсилна во историјата. Јас сум роден во Бразил, но во мојот дом сите се Италијанци. Италија е земја која ме прими, земја која многу ми даде, се она што го добив како човек и фудбалер и го должам на Италија. Не очекував ваков интерес за мене, тоа значи дека сум направил нешто важно. Можеби повикот за Аѕури нема да стигне, но да ве поврзуваат со репрезентација е најпосебен момент во животот“.