
Цел Перу беше на нозе за историскиот меч со „кенгурите“. Дури и владата на оваа јужноамериканска земја го прогласи 13 јуни, понеделник за неработен ден, со цел сите жители да може да го следат дуелот за пласман на Светско првенство.
И тргнаа Перуанците офанзивно на модерниот стадион „Ал Рајан“ во Катар, создадоа позрели шанси, имаа повеќе посед на топка, но не ги искористија приликите и мечот заврши 0-0 после 120 минути фудбал.
По примерот на Холанѓанецот Луј ван Гал, селекторот на Австралија, Грем Арнолд реши на пар минути пред крајот на продолженијата да го внесе резервниот голман Ендрју Редмејн од клубот Сиднеј наместо капитенот и првиот голман Мет Рајан. Интересно ова беше само трети настап на Редмејн на голот на „кенгурите“.
И што направи?
Правеше циркус на голот во стилот на легендарниот Брус Гобелар кој на Ливерпул со скокање по гол-линија им бранел пенали на фудбалерите на Рома во финале на Куп на европски шампиони.
Редмејн почна да потскокнува и да прета со раце и нозе после судиската свирка за изведување на пеналот. Се движеше од една до друга статива и на тој начин се обидуваше да ги збуни Перуанците.
Тоа не му беше многу успешен рецепт зошто во првите пет удари само Луис Адвинкула погоди во статива а Редмејн не одбрани ништо на почеток. 33-годишниот голман не важи за некој голем специјалист за пенали (одбранил 4 од 16 во кариерата, а првиот голман Рајан има 12 фатени од 54).
Последен одбранет пенал на Редмејн му бил во 2019-та.
Самиот меч беше многу тврд поради огромната важност и само два удари имаа Австралијците во основното време а Перуанците еден во продолженијата.
„Кенгурите“ одат на Светско првенство петти пат по ред! Од 2006 немаат пропуштено ниеден Мундијал, иако за волја на вистината од 2006-та немаат поминато групи. Тогаш во 1/8 финале едвај ги урна Италија по чуден пенал.
Перуанците можеа да се пласираат на второ по ред Светско првенство за првпат после 40 години но не им успеа. Тие се 22 на рејтингот на ФИФА а Австралија е 42-ра. Не им помогна ниту ритуалот на шаманите пред мечот.
Австралија оди во група со Франција, Данска и Тунис. Интересно е што Австралија, Перу, Франција и Данска играа на Светско првенство 2018 во иста група. Тогаш Австралијците имаа шанси до последно коло за разлика од Перуанците но во решавачкиот меч јужноамериканците ги совалдаа „кенгурите“ и не им дадоа шанса да одат во плејофот.
32-от учесник на Светско првенство ќе го дознаеме во вторник: Костарика во уште еден интерконтинентален бараж ќе игра со Нов Зеланд.