Првиот човек на Барселона, Жоан Лапорта се обрати за случајот „Негреира“ преку прес конференција на која елаборираше на долго и широко.
Ги отфрли сите обвинувања дека Барселона поткупувала судии и ја повтори тезата на клубот дека седумте милиони евра што ги платиле во рок од 18 години се легални и служат за консултански услуги за кои е одговорен синот на Негреира.
Лапорта му порача на првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас да престане да шири лажни теории, а за УЕФА изјави дека се вклучила во кампањата против Барса бидејќи се поддржувачи на Суперлигата.
Го обвини Реал Мадрид дека последните седум децении, раководните лица во шпанските судиски комитети секогаш биле сегашни или поранешни членови на управата на Мадрид.
Ви ја пренесуваме долгата верзија од пресот на Барселона и кусиот одговор на Реал.
„Кога во јавноста протекоа првите информации за случајот на Негреира, многу медиуми излегоа на штета на нашиот углед со непроверени информации. Споменатите напади беа планирани.
ФК Барселона никогаш не се обидела да стекне спортска предност на нефер начин.
Барса доби технички и арбитражни совети. Речиси сите клубови бараат совети од професионалци, а повеќето од нив се поранешни судии. Тоа е сè што Барса направи со видливи фактури, јасност и транспарентност. Никогаш немаше намера да се сокрие од тоа.
Добивањето информации за поединечни судии не е незаконско. Во големите клубови ваквите постапки се чиста формалност.
Надворешна агенција го анализираше секој документ што го имаме за случајот Негреиро. Сега имам податоци од претходните претседателски мандати и можам да потврдам дека Барса никогаш не добила помош од трета опција за да постигне успех.
Некои луѓе го искористија овој случај за да направат незаконски работи. Ако е така, сакаме да бидат истражени до последен детал.
Има судски извештаи со фактури и финансиски мониторинг. Сите наши трошоци ги пријавивме во даночниот орган, ако сакавме нешто да скриеме, немаше да ја објават информацијата.
Поседуваме 629 извештаи и 43 видеа во наша корист. Сè уште ги имаме сите извештаи од судиите. Тие постојат во нашата архива и не исчезнале тајно како што тврдат некои.
Обвинувањата треба да се докажат на суд. Луѓето презентираа лажни факти без причина. Живееме во свет без презумпција на невиност каде секоја жалба го оцрнува обвинетиот. Барса нема што да крие и како резултат претрпевме огромен удар врз нашиот углед.
Барам одговорност од сите медиуми. Негативната кампања што ја трпиме нема смисла. Луѓето беа многу неодговорни и ние страдаме поради тоа.
Сакам да истакнам дека Хавиер Тебас беше многу неодговорен, а во исто време покажа дека Ла Лига не може да смета на него. Го повикувам да престане да ги шири своите лажни теории кои го наведоа да испраќа лажни докази на повисоките властите. Неговата неодговорност и штети на Ла Лига.
Им благодарам на Рубиалес, Франко и Инфантино што не се приклучија на јавниот линч. Тие знаат дека судот ќе го има последниот збор и целосно му веруваат на ова тело“.
Имаме право да ги тужиме оние кои ни наштетија, казните може да бидат астрономски.
Во кампањата на омраза се приклучи и Реал Мадрид, иако тоа е клуб на кој судиските одлуки отсекогаш и оделе во прилог“.
Реал Мадрид отсекогаш бил познат како кралски тим. Во последните седум децении, раководните лица во шпанските судиски комитети секогаш биле сегашни или поранешни членови на управата на Мадрид.
Цинично е тоа што Реал Мадрид сака да започне правна постапка против Барселона со тврдења без факти. Тие секогаш биле фаворизирани од судиите, исто како и денес. Сите го знаеме тоа. Се надевам дека претстојното судење ќе го открие тоа.
Ова е најсуровиот напад што Барселона го доживеала. Ги повикувам сите навивачи да се обединат и да го одбранат грбот на клубот.
Седумте милиони евра што ги плативме не беа платени одеднаш, туку во текот на 18 години. Тоа се многу важни извештаи кои експертите внимателно ќе ги проучат.
Важно е да се нагласи дека за услугите е одговорен синот на Негреира, а не самиот Негреира.
Синот на Негреира има работено за неколку клубови, шпанската федерација и за Луис Арагонес. Не е нелогично да се бара од него да ги предаде своите извештаи за Барса.
Никој од клубот не му кажа на Негреира дека бараме судиска неутралност. Тоа беше негово лично мислење што го даде на даночната управа, но никој од клубот никогаш не го кажа тоа. Плативме за техничките извештаи и тоа е сè.
Јас ја почитувам вашата работа, но вие (новинарите) ми поставувате прашања на кои веќе сум одговорил. Велите дека 7,3 милиони евра се астрономска сума, но таа била распоредена во текот на 18 години. Ставете ги работите во контекст пред да донесувате заклучоци.
Негреира немаше можност да ги одреди судиите или да ги предодредува резултатите. Прочитајте го членот 20 од прописите на шпанската федерација.
Не знам што му се врти низ главата на Чеферин, но УЕФА се приклучи на кампањата против Барселона. Причина за тоа е и Суперлигата, за која се залагаме.
Ние сме во Суперлигата бидејќи тоа е најдобрата опција за одржлив модел на конкурентност во фудбалот. Не сме зависни од Мадрид или Јувентус.
Не е случајно што оваа медиумска програма започна кога почнавме да бараме средства за Еспаи Барса.
Нема да има проблем со УЕФА доколку не бидеме прогласени за виновни кога ќе заврши шпанскиот судски процес. Без разлика на сè, ќе продолжиме нормално да функционираме, бидејќи не правевме ништо незаконски.
Гарантирам дека ниту јас ниту другите претседатели на Барса не сме краделе од клубот. Немам причина да бидам сомнителен кон моите претходници.
Тука сум на изнесам факти, а не мислење“.
Реал одговори со видео во кое вели:
„Барселона доби златен и дијамантски беџ од Франко. Барселона го именуваше Франко за почесен партнер во 1965 година. Барселона трипати беше спасувана од банкрот од Франко. Кој е вистинскиот клуб на режимот?“
— Real Madrid C.F. (@realmadrid) April 17, 2023
Колку се сериозни обвинувањата за Барселона и дали може да биде исфрлена од лига?
Чеферин за скандалот со поткуп на судии од Барселона: „Најсериозен случај досега“