
ВО ЕВРОПА ДОШОЛ ПРЕКУ АКАДЕМИЈА НА ПОРАНЕШЕН СКАУТ НА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД
Мохамед Кудус има 22 години. Роден е во Акра, престолнината на Гана. Потекнува од пристојно семејство и имал нормално детство за разлика од многу африкански фудбалери кои доаѓаат од сиромашни средини па по потежок пат одат до врвот.
Кудус, фудбалер на Ајакс, стана голем јунак на цела Гана (31 милион жители) откако постигна два убави гола против силната Јужна Кореја за триумф 3:2.
„Мама често го ризикуваше животот за да се грижи за мене и моето семејство“, вели Мохамед. Таа работела напорно како продавачка на храна во Акра.
Мохамед брзо почнал да се двои од своите врсници во детството. Бил поголем, побрз, поснажен. Оние кои во детство играле со него се сеќаваат како 11-годишниот Кудус секогаш бил најдобар на терен. Еднаш дал шест гола кога одиграле нерешено 6:6.
Неговиот прв тренер во детството, Џошуа Авуа вели: „Ког видов како игра на улица, веднаш ми беше се јасно и го викнав на тренинг. Беше величествен уште од прв ден. Имаше само 10 години кога се сретнавме но квалитетите му беа очигледни“.
Мохамед од дома заминал рано, на 12 години, и се преселил на стотина километри подалеку во академијата Right to Dream со цел да се избори за својот сон да отиде во Европа.
Во 2015-та година основач на таа академија за таленти во Гана и поранешен скаут на Манчестер Јунајтд, Том Вернон го купил пакетот акции во дански Нордшјеланд.
Овој клуб е врвот во кој доаѓаат најдобрите играчи од академијата Right to Dream.
„Има добра шанса новиот Меси или Усеин Болт да се појават во Африка, но да не добие можност да го развие својот талент“, рекол Вернон.
Кудус во 2018-та година се преселил во богатата и убава Данска.
СЕ МОЛЕЛ ПЕТ ПАТИ НА ДЕН И НИКОГАШ НЕ ЗАДОЦНИЛ НА ТРЕНИНЗИ
Мохамед Кудус е претставник на народот хауса. Овие народи се многу распространети, ги има околу 60 милиони претставници, а најмногу живеат во Нигерија (37 милиони) и Нигер (13 милиони). Во Гана хауса има околу 300.000 од кои повеќето живеат во главниот град Акра, во муслимански реон каде детството го поминал и Мохамед.
По преселбата во Европа, Кудус строго се држел до дисциплината и се молел по пет пати на ден како прав исламски верник.
„На терен брзо го сфати данскиот начин на игра. На тренинг веднаш видовме колку е брз, силен, техничар. Тренерите исто. Не можеа да дочекаат кога ќе можат да го пуштат во тимо“, вели стоперот на Нордшјеланд Андреас Сковгард.
Кудус брзо заиграл за првиот тим, постигнал 14 гола и имал 3 асистенции на 57 меча. После две години, за 20-годишниот Мохамед се јавил Ајакс кој договорил трансфер вреден 9 милиони евра!
Холанѓаните потпишале договор на пет години, а спортскиот директор на данскиот клуб Јан Лаурсен не се сомневал дека Кудус ќе игра редовно во Ајакс. „Го тврдам тоа зошто тој е во одличен ред со дисцпилина. Никогаш не пропушти тренинзи и никогаш не доцнеше“.
ДЕБИ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Во Ајакс Мохамед Кудус на само 20 години стекнал одлични навики и многу напредувал под водство на Ерик тен Хаг кој го нарече Ганецот играч со неверојатен потенцијал.
На првите три меча Мохамед постигна гол и имаше три асистенции за Ајакс. Дебитираше и во елитната Лига на шампиони против Ливерпул но после само шест минути го повредил менискусот и морал да излезе од игра. Пропуштил неколку важни месеци.
Поради тоа бавно се вратил во ритам а кога се вратил, тренерот Тен Хаг го ставил во средината. Сега Кудус има на своето конто 15 гола и 6 асистенции на 63 натпревари за славниот Ајакс. Повеќето му се сезонава.
Новиот тренер на „копјаниците“ од Амстердам, Алфред Шројдер сега го користи Ганецот како лажна деветка и му ја подигнал ефикасноста. Сезонава Кудус има 10 гола за Ајакс од кои дури 4 во Лига на шампиони!
Во елитниот турнир има уште и две асистенции и три награди за најдобар играч на мечот од шест кола во групна фаза. Ајакс не успеа да се пласира во следна фаза во конкуренција со силните Наполи и Ливерпул но ќе продолжи во Лига Европа зошто беше посилен од Ренџерс.
Токму блескавата партија против Ливерпул во Лига на шампиони го препорачала Кудус на „Енфилд Роуд“ па меѓу навивачите на црвените сè почесто се зборува за евентуален трансфер кај Јирген Клоп на Ганецот.