Крвави глави и голем прекин на најголемото холандско дерби

Во полуфиналето на холандскиот Куп, во Ротердам, дербито Феенорд - Ајакс беше прекинато при резултат 1-2 за гостите. На крајот тимот од Амстердам ја сочува предноста и се пласираше во големото финале.

Пресметките меѓу Ајакс и Феенорд се секогаш жестоки. Ривалството меѓу навивачите на двата клуба е толку големо што холандските власти веќе со години законски уредиле да нема никаква гостинска публика, не само на дуелите меѓу овие два клуба туку и меѓу други.

Во полуфиналето на холандскиот Куп синоќа владееше атмосфера на линч на стадионот „Де Кујп“ кој важи за еден од најжестоките во Европа.

Поради големо пиротехничко шоу на домашните навивачи, мечот беше во прекин и на самиот почеток:

Феенорд игра одлична сезона. Први се на табела во домашното првенство каде бркаат историска титула после долги години, а неодамна и првпат го победија Ајакс на гости после 17 ипол години!

Од друга страна Ајакс после бледите резултати го отпушти тренерот и го назначи нивниот некогашен играч Џон Хејтинга за нов предовдник. Од тој момент заиграа добро, се вратија во трка за титулата а синоќа покажаа и дека уште се надмоќни.

Во 14’ минута од дербито по голема грешка на одбраната на Феенорд, капитенот на Ајакс Србинот Душан Тадиќ го отвори резултатот со убав гол.

Ајакс ја чуваше предноста речиси до истекот на првиот дел, но во втора минута од судиското продолжение Хименез израмнува на 1-1 за огромно лудило на трибините и реми на паузата.

На самиот старт на вториот дел, после пет минути игра, во 51-ва минута Ајакс одново поведе и тоа преку Дејви Класен кој бурно го прослави.

После десет минути игра, во 61-ва минута во жесток дуел влегоа капитените на двата тима, Душан Тадиќ и Оркан Кокчу кои веќе некое време имаат големо нетрпение еден со друг.

После оваа епизода настана голем хаос на теренот, Дејви Класен беше погоден со запалка во глава и беше раскрварен, па тренерот на Ајакс ја повлече екипата во соблекувалните.

Прекинот траеше речиси 20 минути после што мечот продолжи а гостите од Амстердам ја сочуваа предноста од 1-2 и се пласираа во големото финале на Купот каде ги чека ПСВ Ајндховен кој со идентичен резултат го совлада најголемото изненадување сезонава, нисколигашот Спакенбург.

Интересно финалето ќе се игра токму на „Де Куип“ во Ротердам на 30-ти април.

6 април 2023 - 09:27