Колку чини еден шампионски тим

Актуелниот европски владетел, екипата на Баерн Минхен за да го состави својот шампионски тим потроши скоро двојно помалку отколку Манчестер Јунајтед.

Според новото истражување на фудбалската опсерваторија на ФИФА во рамките на Интернационалниот центар за спортски студии (CIES) од Швајцарија, екипите од Премиер лигата потрошиле 2,7 милијарди евра за да ги состават своите екипи.

Зад нив се екипите од Серија А со потрошени 1,2 милијарди евра, а Шпанците за трансфери вложиле 1,13 милијарди. Екипите од Франција вложиле 951 милиони евра, а Бундеслигашите каде што играат и минатогодишните финалисти во Лигата на шампиони, за трансфери потрошиле само 849 милиони евра.

Најмногу за трансфер отштети има платено Реал Мадрид - 536 милиони евра, а Барселона „само" 237,3.

Најголеми трошаџии во Англија се Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Челси, во Франција со пари се расфрлаат ПСЖ и Монако, а од италијанските екипи над 100 милиони имаат вложено само Јувентус, Интер, Наполи и Рома.

Интересна е анализата на трансферите во Германија. Актуелниот европски шампион Баерн Минхен за да го состави својот тим потрошил 233,1 милиони евра, а финалистот од Лигата на шампионите е на третата позиција зад Волфсбург со вложени само 99,2 милиони евра.

 

30 јануари 2014 - 09:56