Интересно, единствениот тим кој ги победи сите 5 натпревари, Барселона, уште не го обезбеди првото место во групата. Ова од причина што Јувентус има 4 победи и 12 бода и во директен дуел на „Камп Ноу“ за неколку дена ќе дознаеме кој на крај ќе биде прв во групата.
Прво место во група сигурно обезбедија: Баерн Минхен, Манчестер Сити, Ливерпул и Челси. На 1 бод од нокаут фаза се: Атлетико Мадрид, Борусија Менхенгладбах, Аталанта, Лацио, Манчестер Јунајтед и ПСЖ.
Сигурен пласман во следна рунда најмалку како втори обезбедија Порто, Борусија Дортмунд, Барселона, Јувентус и Севиља, а никакви шанси за 1/8 финале немаат: Локомотив Москва, Олимпијакос, Марсеј, Мидтјиланд, Краснодар, Рен, Зенит и Динамо Киев.
Единствена група каде уште ништо не е сигурно е групата Б. Таму е права каша-попара: шанси за плејоф има дури и Интер кој пред последното коло е последен на табела: Борусија М. 8, Реал Мадрид 7, Шахтјор 7 и Интер 5.
Овде има еден куп комбинации. Борусија Менхенгладбах ќе оди во следна рунда со бод или победа во последно коло на „Сантијаго Бернабеу“. Ако изгуби германскиот тим, важно за нив ќе биде Интер и Шахтјор да играат нерешено а победа на еден од нив ќе го исфрли Менхенгладбах.
Украинскиот шампион кој на чудесен начин 2 пати го згроми Реал и во Мадрид и во Украина, ќе треба да го победи и Интер во Милано за сигурно да оди понатаму. Ако одигра нерешено важно ќе им биде Реал да не изгуби затоа што во случај на исто бодови со „кралскиот клуб“, „рударите“ имаат подобар меѓусебен скор.
Реал некако е најблизу до Лига Европа, за првпат после 25 години! „Кралевите“ последен пат играле во вториот по ранг турнир во сезоната 1994/1995. За да го избегне тоа Реал ќе треба да победи а Шахтјор да изгуби во Италија.
На Интер му останува само победа над Шахтјор а во другиот меч во Мадрид да нема тн. „шпагети резултат“ (познат од Европското 2004 меѓу Шведска и Данска кога Италија испадна), односно кој било од Реал и Борусија да победи за Интер да не испадне.
Втора по ред најинтригантна група е онаа со Манчестер, ПСЖ и Лајпциг каде после триумфот на Парижаните во Англија сега сите 3 екипи имаат по 9 бода. За да влезе во нокаут фаза, на Јунајтед ќе му треба да не изгуби од РБ Лајпциг (во првиот меч „црвените ѓаволи“ славеа со 5-0), а ПСЖ му треба бод со аутсајдерот Башакшехир за да оди понатаму.
Од ЛШ испаднаа три дебитанти: Мидтијланд (и покрај првиот историски бод освоен со Аталанта), Рен и Истанбул Башакшехир. Плус испадна и Зенит кој е најнепријатно изненадување сезонава и кој со очајни резултати само го надополни катастрофалниот учинок на руските клубови кои имаа 17 меча без победа.