Оставен сам на себе, без помош од државата и бизнисмените, скопски Вардар, најтрофејниот македонски фудбалски клуб и воопшто спортски бренд, успеа да направи нешто големо, нешто што на навивачите им изгледаше невозможно. Верувале или не, Вардар по две сезони успеа да се врати во Првата македонска лига.
Можеби ви изгледа дека малку претеравме во воведот, бидејќи каков е тој успех што Вардар се врати во прва лига? Но, тоа е само затоа што можеби не знаете што правеше овој клуб во последните години. Не е претерување ако кажеме: Добро е што воопшто е жив.
И не само што се живи, туку црвено црниот тим на чело со поранешниот капитен и сегашен тренер Бобан Грнчаров, кој инаку работи без плата, направија голем подвиг во мечот на сезоната и го победија градскиот ривал Скопје со 3:0 за промоција.
Два пати погоди Дарко Размоски, еднаш Дарко Глишиќ, за голема радост на трибините на Градскиот стадион во Кавадарци. Победа за душа, за сè што претрпе тимот последните месеци и за секоја пролеана солза за Вардар.
Иако баражот се играше на неутрален терен, целиот стадион беше обоен во црвено црно и пулсираше во вардаровиот ритам. Доволен мотив за фудбалерите да го одиграат мечот на сезоната, да ги израдуваат навивачите и повторно да го слушнат вресокот: „Нашиот Вардар е во Првата лига“.
Постарите љубители на спортот го споредија овој натпревар со оној од 1979-та година кога Вардар ја совлада Трепча и обезбеди влез во Првата лига на Југославија.
Ова за Вардар беше ситуација сега или никогаш. Клубот кој на фудбалот им ги даде Васил Рингов, Дарко Панчев, Кирил Дојчиновски, Кочо Димитровски, Илија Најдоски и други асови, доживуваше вистинска голгота. Почна пред околу три години кога рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој на македонскиот гигант му го донесе најголемиот успех, реши да се повлече.
Под негово водство Вардар стана најтрофејниот клуб во Македонија, прв од земјава кој заигра во групната фаза од Лигата на Европа, но сè се распадна кога Русинот си замина, а легендарното име од Балканот заигра на работ на бездната. Буквално.
Во првата сезона без Самсоненко, онаа ковид година кога сите првенства беа прекинати, Вардар беше шампион, но поради нестабилната финансиска состојба не доби лиценца за настап во Европа и сè почна да се руши како кула од карти. Веќе следната сезона немаше спас и во 2021 година Вардар испадна во Втората лига затоа што мораше сезоната да ја заврши со младинци.
Во првата сезона во Втората лига, клубот го зеде под закрила Слободан Крстевски, млад бизнисмен релативно непознат за јавноста, кој во целата приказна влезе доста позитивно и амбициозно. Заедно со соработниците, Крстевски го водеше клубот една сезона, но ентузијазмот опадна затоа што не успеа таа сезона да го врати тимот во елитата. Тоа лето се случи нов колапс. Сите почнаа да губат надеж дека Вардар воопшто ќе остане.
Финансиски нестабилен, со замаглен играчки кадар, клубот остана и без место за тренинг, бидејќи претходно изградената инфраструктура, не беше оставена на името на клубот, туку му припаѓаше на стариот газда Самсоненко. Македонскиот великан играше на разни терени и не играше само на својот, култниот Градски стадион на чии трибини се создаде љубовта и култот кон црвено црните.
Токму кога се чинеше дека сè е готово, пукна цела таа децениска насобрана емоција. Во клубот дојде Бобан Грнчаров, кој се согласи да го води клубот до крајот на сезоната од чиста љубов и без плата. Фудбалерите на кои им должеа 12 месеци, живееа од донации на луѓе кои немаат милиони на нивните сметки, но се откажаа и од она малку што го имаа за да му помогнат на својот миленик.
Сепак на сите им беше јасно дека во такви околности идила не постои. Осум важни играчи го напуштија тимот на средина на сезоната. Капитенот Дарко Мицевски беше тешко повреден и не можеше да продолжи да помага.
Сè живееше од љубов. Популарната навивачка група Комити постојано помагаше финансиски колку што можеше, им се придружија уште неколку луѓе да му помогнат на Вардар со превоз, хотел, карантин. Не бараа ништо за возврат.
Пари стигнаа и од поранешни фудбалери, како Стефан Ристовски кој покриваше трошоци директно од Загреб за клубот на мир да се подготвува за дерби натпреварите. Навивачите не застанаа на личните донации, туку зачекорија и презедоа 25% од акциите на Вардар и почнаа да го водат клубот, бидејќи од сопственикот на хартија, немаше ни трага ни глас.
Ситуацијата беше толку тажна на моменти што играчите мораа сами да ги перат дресовите по натпреварите, ниту пак имаат кого да прашаат и за најосновните информации, како на пример каде ќе тренираат следната недела.
Но и покрај сите тие силни икања, како и неколкуте судиски неправди кои ги чинеа важни бодови, Вардар постојано беше меѓу најдобрите. На крајот на сезоната тимот остана без здив, отстапувајќи им го првото место на ривалите, прво на Охрид Воска Спорт, клуб кој постои само од 2019-та, а од лето ќе дебитира во Првата лига и Гостивар, кој се врати после 10 години. Сепак Вардар не отиде понатаму. Со машка борба на теренот го задржа местото во плејофот одбивајќи го налетот на уште еден македонски клуб со култно реноме, Пелистер. На последниот натпревар беа фрлени сите карти на маса.
Наречено големо финале, тоа беше натпревар на сè или ништо. Секој на себе си даде збор. Вардар во Првата лига, сега или никогаш. Навивачите уште повеќе се мобилизираа да помогнат, се огласија и дел од скопските општини, а дел од акцијата за спас на Вардар беше и компанијата Моцарт која одвои 200.000 денари.
А потоа се случи вардарска магија. Со најдоброто издание во актуелната сезона, Вардар се врати таму каде што му е местото, во Првата лига. Скопје немаше што да бара. На крајот од мечот лудо славје, а дел од навивачите ги поздравија играчите на скопскиот плоштад за да им дадат уште еден громогласен аплауз.
Скопје се радува, цела Македонија се радува. Затоа што Вардар не е само Скопје. Вардар е симбол на Македонија и македонскиот фудбал. И жив е.
Иако вака нема да биде долго. Тоа едноставно не е можно. Сега се чекаат некои нови бизнисмени. Добри намери и одржлив план. А навивачите сигурно ќе бидат таму.