Кој ја има предноста во миланското дерби?

Вечерва од 20:45 се игра Дерби дела Мадонина, битката за Милано меѓу Интер и Милан. Многу дебитанти во мечот во кој шансите за триумф се израмнети.

Стартот на сезоната
 
Нераѕурите освоија шест поени на два натпревари, но на тежок начин се изборија за победите. Спектакуларниот гол на Стеван Јоветиќ беше единствен светол момент против Аталанта, а Интер се намачи и против Карпи на гости каде повторно Јоветиќ со гол во финишот ги донесе бодовите.
 
Милан имаше мизерен старт на Артемио Франки против Фиорентина и загуби 2-0. Родриго Ели доби црвен картон уште во првото полувреме на тој меч. Во следното коло, Милан славеше против Емполи и ги освои првите три бода сезонава.
 
Што се однесува до трансфер пазарот, и двете екипи потрошија многу летово, а Интер целосно го реновираше тимот. Џефри Кондогбија стана третиот најскап фудбалер во историјата на Интер, а покрај него дојдоа уште и звучните имиња Иван Перишиќ, Адем Љајиќ и Џонатан Бијабиани. Од клубот заминаа Ернанес, Матео Ковачиќ, Ѓердан Шаќири.
 
Милан конечно се засили во еден преоден рок и реши да потроши. Дојдоа Карлос Бака, Алесио Ромањоли, Луиз Адријано и Бертолачи, сепак главна болка во тимот остана средниот ред каде недостасува креативност.
 
Фактор Икс на мечот
 
После повредата на Мауро Икарди кој ќе отсуствува извесно време, на Џузепе Меаца се загрижија за нападот и решија да го доведат Стеван Јоветиќ кој се испостави како одлично решение. Неговата креативност на дуелите против Аталанта и Карпи го спасија Интер. Црногорецот може да биде Икс факторот на Интер вечерва. Кај Милан тоа би можело да биде Карлос Бака. Колумбиецот веќе покажа дека може да биде суров пред противничките голмани и од него Росонерите очекуваат да им направи проблем на Нераѕурите во одбраната. Поранешниот фудбалер на Севиља го постигна и првиот гол на дуелот со Емполи.
 
Извор: ЕСПН