Милан и Интер ќе играат дерби на дебитанти

Вкупно 16 фудбалери за првпат ќе настапат на миланското дерби. Девет од тимот на Манчини и седум од екипата на Михајловиќ ќе се обидат да го решат Дерби дела Мадонина на кое еднаш се прослави и Горан Пандев.

За осум дена на Сан Сиро ќе се игра дерби на дебитанти. Кондогбија, Јоветиќ, Тељес, Монтоја, Љајиќ, Муриљо, Миранда, Перишиќ и Фелипе Мело кај Интер. Луиз Адриано, Ромањоли, Родриго Ели, Кучка, Бака, Бертолаци и Хозе Маури во Милан, плус Синиша Михајловиќ од клупата.
 
Во случај да играат сите, ако не ги спречат повреди или тактички формации, од првата минута на дербито Интер - Милан би можеле да заиграат 16 од вкупно 28 играчи. Во последните 20 години, дури 24 играчи, по 12 од двете страни дале гол на нивното деби на дуелот меѓу двете милански екипи.
 
Тргнувајќи од сезоната 1995-1996, од Роналдо до Ибрахимовиќ и Шевченко и Кака до Милито, многу фудбалери го зачиниле своето деби на дербито со гол. Марко Бранка е меѓу првите кој како дебитант во сезоната 1995-1996 го реши победникот. Една година подоцна, Јури Џоркаеф од Интер во 12-та минута израмни на 1-1. Претходно Роберто Баџо го доведе Милан во водство. 

Сезоната 1997/1998 ја обележа тандемот Симеоне-Роналдо. Новите Интеристи дебитираа со гол на првото дерби од сезоната кое заврши 2-2. Возвратниот дуел истата сезона го доби Интер со 3:0 кога Чоло Симеоне даде два а Феноменот еден гол.
 
Во 1999/2000 Андреј Шевченко беше творец на пресвртот на Милан кој славеше со 2:1. Кога сме кај напаѓачите, Златан Ибрахимовиќ стрелаше прецизно во победата на Интер од 4-3 во сезоната 2006/2007. Тоа беше дебитантски настап за Ибра на миланското дерби. Бразилецот Кака во дебитантската сезона 2003/2004 за Милан го даде првиот од вкупно петте гола за него на миланските дерби средби.
 
Меѓу останатите кои се прославиле на дербито е и нашиот Горан Пандев, како и Дејан Станковиќ, Џон Дал Томасон, Роналдињо, Тиаго Мота, Диего Милито, Јап Стап и Жереми Мендез.

5 септември 2015 - 14:55