Кој е тренерот-волшебник кој го презеде Мароко пред три месеци и направи чудо

Најголема сензација на Светско првенство 2022 е репрезентацијата на Мароко, селекција која направи чудесни резултати, игра прекрасен фудбал, а пред доаѓањето во Катар имаше некои неволји и го избрка дотогашниот познат селектор.

На само пар месеци пред Светското првенство, Фудбалската федерација на Мароко го раскина договорот со селекторот кој ги однесе на Мундијал, Вахид Халилхоџиќ, легендарниот фудбалер од поранешна СФЈР.

Ваха направи огромен успех и го однесе Мароко на Мундијал преку тешки квалификации и уште потежок бараж во Африка, но тоа не беше доволно да остане. Причина за тоа било што Халилхоџиќ во еден момент поради недисциплина ги исфрлил од репрезентацијата најголемите ѕвезди, Хаким Зијеш од Челси, Нусаир Мазрауи од Баерн Минхен и Амин Харите од Марсеј.

Тој има своја страна на приказната, но треба да се знае фактот дека досега во кариерата однесе дури 4 репрезентации на Светско но во дури 3 доби отказ пред самиот почеток на Мундијалот.

Оваа негова одлука предизвикала голем потрес во Мароко, па во еден момент стручниот штаб на Ваха го напуштил и неговиот помошен тренер а најголема фудбалска легенда на оваа земја, Мустафа Хаџи.

Федерацијата не можела да го истрпи принципиелниот став на Халилхоџиќ па му врачила отказ. На негово место на клупата седнал малку познатиот Валид Реграги (47).

Иако сите мислеа дека оваа смена негативно ќе се одрази на селекцијата, Реграги сјајно се справи со сите предизвици и го направи Мароко прва репрезентација од Африка во историјата која стигнала дури до големо полуфинале на Светско.

Мароко на тој пат ги елиминираше силните Шпанија и Португалија без да прими ниту еден гол од нив!

РЕГРАГИ ГО ВИКААТ МАРОКАНСКИ ГВАРДИОЛА, ОСВОЈУВАЛ ТИТУЛИ ВО СИТЕ ТРИ КЛУБА КОИ ГИ ВОДЕЛ

Речиси цел марокански состав потекнува од европски фудбалски академии, односно фудбалерите на овој тим пораснале и фудбалски созреале ширум Европа.

Селекторот на Мароко Валид Реграги е еден од таквите. Роден е во предградие на Париз во работничко семејство. Татко му мечтаел Валид во иднина да работи во канцеларија како учен и школуван човек.

„Татко ми се гордееше со можноста да прати во село слика од син му како работи на работно биро во канцеларија“, вели меѓудругото Валид во интервју за француски La Vie Eco.

Но малиот Валид го одбрал фудбалот.

Играчката кариера ја започнал во француските пониски лиги, но на почетокот на 2000-те играл во Тулуз и Ајачо со кои играл на високо ниво.

Реграги бил десен бек. По извесно време се преселил во шпанска Ла Лига, одиграл пар сезони во Расинг Сантандер, па се вратил во Франција. До крајот на играчката кариера запишал настапи уште и за Дижон и Гренбол.

Во 2001-ва година Валид донел одлука да настапува за Мароко и до 2009-та одиграл 45 натпревари. Во 2004-та дури стигнал и до финалето на Куп на Африка каде Мароканците загубиле од Тунис 2:1. Валид играл одлично на тој турнир, го ставиле дури и во најдобриот тим на крајот во друштво со Фреди Кануте и Џеј-Џеј Окоча.

КАКО ЗАПЛИВАЛ ВО ТРЕНЕРСКИ ВОДИ?

Тренерската кариера, Валид Реграги ја започнал исто во репрезентацијата на Мароко. Во 2012-та селекторот Рашид Тауси го викнал во неговиот штаб да му биде помошник. Но овој стручен штаб потрајал само една година. Реграги подоцна го презел клубот ФУС од Рабат и таму се задржал цели 6 години.

Овој клуб е еден од најголемите во Мароко но никогаш не станал шампион. Реграги решил да ја исправи оваа фудбалска неправда и им донел титула во 2016-та. Две години претходно им донел и трофеј од Купот на Мароко.

Во 2017-та година Реграги го споредувале со светските топ тренери. „Ме завикаа марокански Гвардиола од моментот кога освоивме Куп со ФУС, а некои ме сметаат за наследник на Мурињ. Но секој тренер има своја филозофија. Јас сум мешавина од Гвардиола и Мурињо. Мојот стил потсеќа на оној на Пеп, но на прес-конференции сум поблизок до Мурињо“, вели во шега Валид.

Во 2020-та година тој решил да заработи солидно и заминал во Катар каде за богата понуда го презел Ал Духаил. Под негово водство овој состав од Доха ја освоил титулата во првенството откако завршил пред Ал Сад предводен од легендарниот Чави кој во таа сезона завршил третопласиран.

Успехот на Валид Реграги не останал неприметен во Мароко. Веднаш добил понуда од најтрофејниот клуб во земјата, Видад од Казабланка. Валид ја оправдал довербата и израдувал милиони навивачи со тоа што им донел шампионска титула во Мароко но и голем триумф во африканската Лига на шампиони 2022.

Во мај годинава на стадионот во Казабланка, Видад во големото финале го совладал египетски Ал Ахли 2:0. Реграги станал втор марокански тренер во историјата кој успеал да го освои овој турнир.

После овие големи успеси мароканската федерација му понудила да ја преземе репрезентацијата наместо отпуштениот Вахид Халилхоџиќ кој ги однесе на Светско но повторно поради незгоден карактер си направи проблем во кариерата.

Вредно е да се напомене дека Вахид Халилхоџиќ на Светско пласирал дури 4 репрезентации но во дури три од нив добивал отказ пред почеток на Мундијалот. Неверојатен податок од времето кога успешно ги пласирал Брег на Слонова Коска, Алжир, Јапонија и Мароко.

ароканците со него имале 6 победи на 6 меча во квалификациите и гол разлика 20:1. Во баражот го растуриле ДР Конго (1:1, па 4:1). На Куп на Африка со Вахид Мароканците лесно стигнале во нокаут фаза како први, во 1/8 финале го поминаа Малави (2:1) а во четвртфинале испаднале од идниот финалист Египет (1:2).

Најголемата ѕвезда на Мароко, Хаким Зијеш од Челси не играл за репрезентација од јуни 2021-ва кога имал конфликт со Вахид. Дури и објави во отворено писмо дека ја завршува кариерата во репрезентација. „Не се враќам, ова е мое конечно решение. За мене е апсолутно очигледно што се случува таму и сега сум посветен на клубот“, рекол 29-годишниот Зијеш.

Во март годинава добил повик од федерацијата чиј претседател Фузи Лекјаја рекол дека го чека Зијеш на Светско првенство.

„Вратата на репрезентацијата е отворена за сите марокански фудбалери. Никој не може да забрани на марокански играч да игра за репрезентација, дали е тоа Зијеш или кој било друг. Јас ќе разговарам со селекторот кога ќе се врати од одмор“, рекол првиот човек на федерацијата.

Вахид набрзо добил отказ поради тврдите принципи.

Од репрезентацијата долго бил отсутен и одличниот десен бек Нусаир Мазрауи кој од Ајакс премина во големиот Баерн Минхен. Изјавил дека од ноември 2020-та не игра за Мароко зошто се скарал со селекторот Халилхоџиќ поради шише вода.

„На еден од тренинзите кога беше премногу топло, на секои пет минути се ладевме со вода. Во еден момент веќе не сакав да пијам вода но селекторот дојде и ми кажа ти мораш да пиеш. Му реков не сакам, тренеру. Толку се налути што реши да ме тера со сила.

Неколку пати настојуваше. Прво му одговорив мирно а тој стана агресивен. Капитенот Ромен Саис сакаше да не смири па ми даде шише да се напија. Ја отворив, истурив малку на земја, ја затворив и ја фрлив. Не сакав да пијам. И така почна цел проблем со него. Подоцна разговаравме, се смиривме, но ете уште не ме вика“, рекол Мазрауи пред неколку месеци.

РЕГРАГИ НАПРАВИЛ ПРЕКРАСНА АТМОСФЕРА ВО СЕЛЕКЦИЈАТА

Вахид Халилхоџиќ жалел што му била одземена прилика да ја заврши кариерата со успех на Светско првенство.

„Кога доаѓаш во земјата ти не ги знаеш сите добри играчи. Затоа треба да ги бараш. Колку видеа само изгледав во Мароко! Преку илјада. Обновив 80% од екипата. Треба да се најдат фудбалери кои можат да играат за репрезентација. Авторитетот на тренерот е заснован на резултати. И никогаш мароканската селекција немала подобри резултати отколку со мене во квалификациите за Светско 7 победи, 1 нерешена, во просек по 3 дадени меча за натпревар.

Но имаше клеветничка кампања за тоа што локалните играчи не играа за репрезентација. Тоа произлезе од непријателствата и ривалствата меѓу разни клубови, меѓу разни жители на Мароко“.

Валид Реграги ја сплотил репрезентацијата. Ги вратил Зијеш и Мазрауи.

Мароко под негово водство како прв и лидер ја помина групата со Белгија, Хрватска и Канада. Влегоа во нокаут фаза на Светско првпат после цели 36 години, а во полуфинале првпат во историјата. Ниту една репрезентација од Африка не стигнала толку далеку.

Интересно, Валид Реграги зборува арапски, француски, шпански и одлично англиски. Тоа е многу важно за репрезентацијата во која повеќе од десетина играчи не се родени во Мароки.

„Секогаш велам дека секој од нас е Мароканец. Не е важно од каде е, од Франција, од Белгија, или од Мароко. Ако сака да игра за нас, пуштете го да се бори за овој дрес. Имаме играчи од Германија, Франција, Белгија, Холандија, јас ги собирам и правам коктел од нив“.

Валид низ играчката кариера учел од многу добри тренери.

„Собирав од секој тренер по нешто. Со некои исклучоци, но оваа професија ништо не измислуваш, туку го спроведуваш тоа што го прават другите и се обидуваш да внесеш нешто свое. Јас бев (на пракса) кај Руди Гарсија кога работеше во Рома, за да видам како тој работи. Бев кај Ролан Курбис (во Ајачио) кој ме инспирираше, влечев поуки од времето поминато со Ален Жирес (во Тулуз).

Во Сантандер најголем впечаток ми остави односот на шпанската публика и нејзиното гледање на фудбалот. Бараат шоу. Или убава игра или ништо. Ако сте победиле а не сте ја забавувале публиката, ќе ви свиркаат. Си реков себеси дека тоа ќе биде мој метод: треба шоу, треба на луѓето да им направиш забава поради која ќе сакаат пак да дојдат“, вели Валид Реграги. 

Мароко на Светското првенство 2022 немаше преголем посед на топка на натпреварите (околу 32%), но не примија НИТУ ЕДЕН гол од Хрватска, Белгија, Шпанија и Португалија. На 5 меча примија само еден гол, од Канада, најмалку од сите учесници во нокаут фазата.

Селекторот Реграги одбива пофалби на своја сметка. Ги праќа кај играчите.

„Секогаш викам дека се решаваат играчи. Во фудбалот има многу тренери кои сакаат да ги убедат луѓето да веруваат дека тие се волшебници. Но кога имаш добри играчи, на тренерот секогаш му е полесно. Се труди да им даде максимална самодоверба а они после носат резултат.

Кажав дека ние треба да бидеме амбициозни и на тоа мислеа дечките. Зошто да не освоиме Светско првенство? Веруваме во тоа од самиот почеток. Играчите сфатија дека ние треба да заборавиме на комплекси. Ние сакаме да бидеме локомотива во Африка. Континентот се движи напред и Мароко даде многу за тоа“, вели селекторот на Мароканците.

12 декември 2022 - 09:24