Кој е Адемола Лукман - Нигериецот кој го потопи Баер Леверкузен

Адемола Лукман е суперхерој на финалето на Лига Европа откако со хет-трик му го нанесе првиот пораз на германскиот шампион Баер Леверкузен сезонава. Аталанта одигра фантастичен меч кој ќе се памети уште долго а Лукман со три прекрасни гола ја круниса титулата.

Во Бергамо се слави на големо. Цела вечер и цела ноќ се славел триумфот на Аталанта, миленицата на народот. Сите оние кои не отпатувале на финалето во Даблин, мечот го следеле на голем видео-бим во центарот на Бергамо.

Во 12’ минута по одличен пробив на Давиде Ѕапакоста кој центрираше по земја, Лукман најдобро се снајде и ја изненади цела одбрана на Баер Леверкузен за водство на Аталанта:

До паузата Аталанта имаше уште неколку шанси но на полувреме отиде со гол предност. Во вториот дел со два нови блесоци, Нигериецот Адемола Лукман го згроми Леверкузен за конечни 3:0 и прв историски евро-трофеј за клубот од Бергамо:

Во финишот од мечот Адемола Лукман си поигруваше со противникот и со пета:

Со 5 гола во Лига Европа од кои најважни му беаоние во полуфиналето против Олимпик Марсеј кога имаше гол и асистенција и во 1/8 финалето со Спортинг Лисабон за пласман во четвртфинале, тој е еден од најзаслужните за чудото на Аталанта.

Лукман стана првиот Африканец со хет-трик во европско финале. Тој е единствен фудбалер со три гола во финале без двомеч на Куп на УЕФА/Лига Европа, а прв воопшто од 1975-та година со три погодоци на финален натпревар од еврокуп. Вкупно низ историјата 6 играчи дале по три гола во некое финале на европски куп.

ГАСПЕРИНИ СО КРИТИКИ И УПОРНОСТ ГО НАПРАВИЛ ПОДОБАР ИГРАЧ

Ако Баер Леверкузен игра сезона од соништата, истото може да се каже и за крајно симпатичната Аталанта. Клубот од Бергамо стигна и до финалето на Куп на Италија каде загуби 0:1 од Јувентус.

Лукман на тој меч имал шест шута кон противничкиот гол но не успеа да ја затресе мрежата. Во Серија А Нигериецот има 9 гола и 6 асистенции на 29 меча. Минатата сезона имал 13 погодоци со 6 асистенции на 31 натпревар.

Во март Адемола го постигнал единствениот гол за Аталанта во поразот од Болоња 2:1 а Гапсерини бил незадоволен од него: „Парадоксално е што победивме девет или десет или можеби единаесет натпревари без него со што се покажа дека еден играч не е секогаш најважен“, суров бил Гасперини со својот центарфор кого како да сакал да го мотивира.

Лукман играл одлично и на овогодишниот Куп на Африка каде дал три гола и имал една асистенција за Нигерија.

КАКО СТИГНАЛ ДО БЕРГАМО?

 

На 24 години Папу Гомез добил понуда од Атлетико Мадрид. Диего Симеоне во него гледал идеален играч за тимот. 23-годишниот Јосип Иличиќ беше во еден момент еден од најдобрите фудбалери во Европа а 20-годишниот Луис Муриел го споредуваа со Роналдо.

Година дена подоцна младиот Папу Гомез доживеал тешка повреда, Јосип Иличиќ паднал во депресија, а Луис Муриел се борел со мрзеливоста и недостигот на самодоверба. Сите тројца паднале од врвот на земја. Но после извесно време во Бергамо сите тројца се вратија во живот.

Во тоа е величината на тренерот Џан Пјеро Гасперини. Тој има и долга историја на конфликти со играчите но ако фудбалер го слуша, тој гарантира успех.

Нов проект на Гасперини бил Нигериецот Адемола Лукман. Во последните две години овој експлозивен центарфор се селел од позајмица на позајмица и никаде не нашол свое стандардно место.

 

Пред шест години тој бил сметан за еден од најголемите таленти во фудбалот. Од аматерски фудбал стигнал до репрезентацијата на Англија до 20 години со која го освоил Светското првенство У-20 на кое играле уште и Томори, Валверде, Лаутаро Мартинез и други.

УЛИЧНИОТ ФУДБАЛ, ДЕТСКИТЕ СНИ И СУРОВАТА РЕАЛНОСТ

Уличниот фудбал многу му помогнал на овој крилен напаѓач.

За пет сезони во професионален фудбал сменил пет разни клуба. Понекогаш ги кревал навивачите на нозе со сјајни дриблинзи и голови како во финалето на Лига Европа, но често ги убедувал во својата просечност. Му недостигала стабилност. Не бил постојан.

Откако дошол во Евертон работел со дури 8 тренери. Тактичката недоследност му влијаела на развојот. „На младите фудбалери им е тешко да поминат низ тоа. Никогаш не знаеш што ќе смисли новиот тренер. Кога веруваш во себе му се допаѓаш на секој тренер но во тоа време на Евертон му фалеше стабилност. Затоа имаше откази. Тренерите не сакаа да ризикуваат и да ме стават во игра“, рекол еднаш Лукман.

СПАС НА СОСЕМА НЕОБИЧНО МЕСТО КАЈ СУРОВ ТРЕНЕР

На 25 години изгледал како поранешен аматер, изгубен на патот меѓу детските сни и суровата реалност. Ралф Рагник го советувал да стане поагресивен. Брендан Роџерс еднаш рекол: „Адемола пројави зрелост од кога отиде во Лајпциг но сега му треба дом. Најважно е да најде место каде што ќе може да учи и да се развива“.

Тоа место станало Бергамо. Аталанта го откупила договорот на Адемола, а нему му било најважно да не мисли што ќе биде утре. Дошол кај најцврстиот тренер во Италија, строгиот Гасперини кој ги става играчите под силен режим но од нив прави врвни играчи и го вади најдоброто. На пример Барѕаљи еднаш раскажал дека едвај преживеал кај Феликс Магат, дека бил истоштен по тренинзите на Конте, но дека Џан Пјеро Гасперини е најстрашен од сите.

Нигериецот тогаш сфатил дека тука во Аталанта може да фати ред. Од исхрана до начин на живот, тренинзи и натпревари. Во спротивно не би ги издржал напорите на кои ги става Гасперини.

Тренерот не им остава на играчите избор. Или ќе ги следат неговите правила или може да си ги пакуваат куферите. Затоа и е ценет за се што направи со популарната „Деа“ годиниве.

„Тој е најжестокиот човек кој сум го сретнал некогаш. Тој ми покажа совршено нов метод на тренинзи. Почнав на нов начин да размислувам за фудбалот“, признал Лукман.

Колку е строг Гасперини? Во јануарскиот меч од Куп на Италија со Интер, Лукман влегол на терен во вториот дел и покрај тоа што на претходните 4 меча дал 7 гола. На прес-конференција новинарите го прашале тренерот зошто не го пуштил напаѓачот од почеток рекол: „Судејќи по тоа како влезе во игра, требаше да го држам на клупа подолго“.

На Адемола Лукман му требала токму таква строгост и дисциплина.

СТАНА ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ ИГРАЧИ ВО СЕРИЈА А

Нигериецот ја избрал Аталанта поради напаѓачки фудбал со многу голови. Во Англија и Германија го гледаа како брз крилен напаѓач, створен да прави бројчана надмоќ на теренот со брзи дриблинзи. Сите дискусии за него биле за крило, никаква алтернатива не била разгледувана.

Самиот Лукман изгледал на човек кој носи патики чија величина не му одговара. Како да му било тесно и кнап на крило. Но сите ги барале причините на други странил. Брендан Роџерс зборувал за самодовербата кај младиот играч: „Тој е скромно момче. Има неверојатни техничко-тактички карактеристики, ја разбира играта и физички е спремен. Единствен проблем е што стално мора да се докажува. Му треба време. На таквите тикви момчиња секогаш им треба време да се најдат себеси“.

Италијанскиот фудбал му легнал добро, а тренерот Гасперини во него не гледал крило туку втор напаѓач. Аталанта се престроила од првичната 3-4-2-1 на 3-4-1-2 со Лукман како втор шпиц од позадина.

Новата улога ги открила сите квалитети на младиот Нигериец а потврда за тоа стигнаа и трите гола во финалето на Лига Европа, сите од улога на втор шпиц зад Скамака.

Аталанта го смени моделот кој го играше со Иличиќ и Папу Гомез. Со новиот модел се отвори нов циклус. Поголем дел од сезоната Аталанта се занимава со противникот на своја половина и чека брзи контранапади заедно со силен пресинг. Тоа на своја кожа најсурово го осети Ливерпул кого Аталанта го згроми 0:3 среде „Енфилд Роуд“.

Клучна била улогата на Адемола Лукман. Неговата брзина и техника му овозможила да дава гол на секои 128 минути. Во Серија А има 9 гола и 6 асистенции а дури 5 гола дал после соло пробиви како во финалето на Лига Европа.

Во Даблин ја имаше една од најубавите ноќи во животот, по сопствено признание:

23 мај 2024 - 09:07