
И додека фудбалерите на Вардар предводени од капитенот Славко Дацевски славеа на теренот заедно со своите навивачи на трибините, веднаш по завршувањето на радио преносот од Белград, кога се слушнаа гласовите на двајцата репортери Никола Солдатов и Ивко Панговски кои заедно во еден глас извикаа „крај, крај, Вардар е победник“, улиците на Скопје за миг се преполнија.
Излезе што се вели и старо и младо, не само неговите навивачи, туку и многубројни љубители на фудбалот да го поздрават најголемиот успех на фудбалот во тогашната Република Македонија.
На финалниот натпревар Вардар играше во состав: Тоде Георгиевски, Петар Анѓушев, Благоја Вучидолов, Славко Дацевски, Часлав Божиновски, Драган Трајчевски, Мирко Илиевски, Владо Николовски, Стојан Велковски, Андон Дончевски и Петар Шулинчевски.
Постарите љубители на фудбалот дефинитивно се сеќаваат сè уште на овие играчи, особено на Петар Шулинчевски, роден ресенчанец, сигурно еден од најдобрите фудбалери во Македонија, кој пред да дојде во Вардар играше и за Пелистер.
На капитенот Славко Дацевски кој беше првиот играч од Македонија кој го носеше дресот на Црвена звезда, а потоа играчката и тренерската кариера ја продолжи и во Австралија.
На голманот Тоде Георгиевски, на Часлав Божиновски, првиот капитен на државниот тим во независна Македонија, како и на Андон Дончевски првиот селектор во независна Македонија.
Интересно е да се напише како беа наградени играчите на Вардар за овој голем успех од клубот, бидејќи не беше мала работа да се освои Купот на Југославија во конкуренција на тогашните фудбалски сили Партизан, Црвена звезда, Хајдук, Динамо.
За денешните љубители на фудбалот смешна награда. Секој играч доби по кристална вазна, кристален пепелник и по 70.000 динари. Од таа сума половина беше од клубот, половина ја додели Околискиот фудбалски одбор. А колкава вредност имала тогаш сумата од 70.000 динари? Како што ни кажаа тогашните играчи, можеле да си купат само еден фрижидер.