Кога Иниеста заигра во Струмица против Пандев и екипата

Малкумина го паметат натпреварот на македонската фудбалска репрезентација до 19 години против своите врсници од Шпанија кои неколку месеци подоцна се качија на кровот на Европа.

Една од најлегендарните македонски фудбалски генерации е онаа до 19 години која во 2002 година за малку не успеа да обезбеди пласман на едно Европско првенство.

Континенталниот шампионат за фудбалери до 19 години таа 2002-ра се играше од 21 до 28 јули во Норвешка.

А претходно, во квалификациите и баражот, прредводени од селекторот Жарко Оџаков, бисерите Пандев, Стојков, Дени Масев, Влатко Гроздановски, Дарко Тасевски, Глигоров, Балдовалиев и други, беа на чекор од историски пласман.

Страшна генерација која за жал не го искористи својот потенцијал до крај.

На квалификациски турнир во Финска, завршија на прво место во групата, пред Азербејџан (триумф на нашите од 2:1) и Финска (победа од 3:2) и како лидери ја очекуваа ждрепката за бараж која што им ја донесе неверојатната Шпанија.

Генералка пред двомечот со „фуријата“, Пандев и другарите имаа со БиХ која што во Сараево ја понижија со 7:1. Легедарниот Бате Ване Таковски тогаш наводно го молел Пандев да излезе од игра, дека немало смисла да до толку да ги работи ривалите од БиХ У19.

ИНИЕСТА И ДЕ ЛА ПЕЊА ВО СТРУМИЦА

На 24 април 2002 година, на тогаш новиот и реновиран стадион „Младост“, нашите бисери истрчаа пред преполни трибини во состав: Томе Пандев, Ивановски, Џангаровски, Тодорчев, Гроздановски, Масев (Митев 76'), Глигоров, Стојанов (Савевски 72'), Тасевски (Стојановски 86'), Балдовалиев, Пандев. 

Против себе имаа имиња како Андрес Иниеста, Серхио Гарсија (стана европски шампион со Шпанија во 2008), Солобариета, Карлос Пења, како и Даниел Харке, стоперот и подоцна капитен на Еспањол кој го потресе светот со ненадејната смрт во 2009-та година во хотел во Фиренца каде неговиот тим престојувал пред пријателски меч против Болоња. Се сеќавате сигурно и на прославата на голот на Андрес Иниеста кога во продолженија го реши финалето на Светско првенство против Холандија во 2010-та и под дресот покажа маица на која беше испишано името на Харке.

МАКЕДОНИЈА ИГРАШЕ ДОПАДЛИВ ФУДБАЛ

После 18' минути фантастична и отворена игра, Македонија поведе преку детето на Цементарница, подоцна капитен на Вардар Влатко Гроздановски за делириум на стадионот во Струмица.

Но набрзо студен туш, голем кикс на голманот Томе Пандев и Шпанија израмни на 1:1 преку Серхио Гарсија, човекот кој подоцна стана икона и долгогодишен капитен на Еспањол. На неколку секунди пред крајот од првиот дел нов удар за нашите бисери: Нашиот најдобар играч на сите времиња, Гоче Пандев доби црвен картон (втор жолт) и Шпанците добија крилја.

До крајот Џонатан Соријано (дете на Еспањол кој играше и за Барселона Б, а стана клупска легенда на Салцбург со 120 погодоци на 144 настапи) постигна два гола, Шпанија победи 3:1 и реваншот во Мурсија беше своевидна екскурзија за нашите млади таленти. На возвратниот дуел заиграа и Хозе Антонио Рејес, како и дебитантот  Фернандо Торес кој не играше во Струмица но на реваншот постигна 2 гола во триумфот на Иберијците од 4-0.

Шпанија подоцна со победа против Германија У-19 на Лам, Троховски и Одонкор, го освои Европското првенство, а златната генерација ја предводеше токму Торес кој беше најдобар стрелец на турнирот со 5 гола.

Интересно, следната 2003-та Шпанија У-20 играла на Светско првенство во ОАЕ каде изгубила во финале од Бразил (0-1 Фернандињо).