
Капитенот на Полска и еден од најдобрите фудбалери во историјата на оваа земја, Роберт Левандовски своите најдобри денови ги имаше во Борусија Дортмунд и во Баерн Минхен.
Во Дортмунд тренер едно време му беше Јирген Клоп. Тоа беа златни денови на Борусија која освои и шампионска титула во Бундеслига а стигна и до големото финале на Лига на шампиони.
Во интервју за германски Билд, Левандовски раскажува неколку анегдоти меѓу кои и една кога му се јавил големиот Сер Алекс Фергусон.
„Многу добро се сеќавам на тој момент. Ние игравме пријателска со Бохум. Ме извадија од игра на полувреме. Во соблекувална го извадив мојот мобилен и имаше пропуштен повик и порака со број чиј повикувачки беше +44.
Фергусон пробал да ме добие, а после ми пратил смс порака. Сакал да разговара со мене. Отидов да се истуширам и му заѕвонев во еден тивок агол.
Мојот англиски не беше ни близу како сега, а тој има силен шкотски акцент. Памтам бев многу посветен за да разберам што зборува. Фергусон се трудеше да биде тактичен и зборуваше бавно.
Јас имав 22 години тогаш, за мене тоа беше посебен момент. Поразговарав со Аки Вацке (генералниот директор на Борусија Дортмунд) и со Јирген Клоп. Сакав да одам во Манчестер Јунајтед, но ми рекоа:
„Нема шанси, Роберт! Ти ни требаш и мораш да останеш“.