Баш убаво од Катарците што си ги знаат приоритетите за Светското првенство во 2022 година. Имаат неподнослива тропска клима, немаат стадиони, немаат инфраструктура, им умираат „робовите" од Непал... ама важно си имаат статуи.
Музејот на Катар ја купи познатата статуа „Удар со глава" на која е претставен еден од најважните моменти во историјата на фудбалот - моментот кога Зинедин Зидан го удри Марко Матераци во финалето на Светското првенство во 2006-та година. Тоа беше последнен натпревар во кариерата на Зидан кога заработи црвен картон, по што Италија триумфираше на Мундијалот.
Статуата висока пет метри ја изработи алжирскиот уметник Адел Абдесемед и беше поставена во Париз. Ова лето статуата на кратко се пресели во Италија пред да им текне на Катарците дека им недостига само уште тој детал и да испратат понуда кој не се одбива. Висината на „трансферот" засега останува тајна.