Карта за прослава на титула 18.000 евра?

На почеток на сезоната карта за домашните средби на Лестер изнесувала 495 фунти, а за последниот меч сезонава на Кинг Пауер стадионот цените на влезниците достигнуваат и до 15.000 фунти.

На 7. мај Лисиците играат дома против Карамелите во натпревар кој би можел да значи и шампионска титула за најголемото изненадување во светот на фудбалот сезонава. Од час во час, пишува БиБиСи, картите се движат од 3.000 фунти па сè до 15.000. Клубот соопшти дека ќе преземе акција во соработка со полицијата за да спречи евентуално тапкање и препродажба на карти.
 
Лестер во моментов има седум бода повеќе од второпласираниот Тотенхем, а до крајот има уште пет кола и во игра се 15 бодови. Избраниците на Клаудио Раниери веќе обезбедија директен пласман во Лигата на шампионите и до крајот од сезоната им требаат уште три победи за и теоретски да ја освојат титулата во Премиер.
 
До крајот Лестер Сити игра против Вест Хем и Свонси на нивниот Кинг Пауер стадион кој собира 32.132 гледачи, па потоа гостуваат на Трафорд против Манчестер Јунајтед, па Евертон дома и на крај гостуваат против актуелниот шампион Челси на 15. мај во Лондон.
„Сезонава се случи нешто што никој не го очекуваше и веројатно никогаш нема да се случи повторно во нашиот живот. И покрај тоа што имам членска карта од клубот, не стигнав да купам влезница за трите домашни меча до крајот. Луѓето се во еуфорија и карти веќе скоро и да нема“, изјавил еден навивач за БиБиСи.
Инаку картите на почетокот на сезоната изнесувале 495 фунти, а сега цената оди и до 15.000 фунти што доволно говори за грозницата која владее во овој индустриски град.