
За Ливерпул ова ќе биде голема шанса да се одмазди за тешкиот пораз од пред 4 години кога Салах се повреди, Кариус направи кардинални киксови а Герет Бејл постигна преубав гол со полу-ножички.
Интересно, овие два тима се сретнале и во големото финале во сезоната 1980/1981 исто во Париз, но на „Парк на принцовите“ (во сабота ќе се игра на „Стад де Франс“).
И Реал Мадрид и Ливерпул не можеле да ги одбранат шампионските титули во своите првенства, па затоа победата во големото финале им гарантирала место во следното издание на Куп на европски шампиони (КЕШ).
Ливерпул ги имал сјајните Кени Даглиш и Алан Кенеди а Реал Мадрид врвниот Англичанец Лаури Канингем (поранешен играч на Манчестер Јунајтед кој трагично загинал на 33 години во сообраќајка во Шпанија), Сантиљана, Навахас, Анхел, Хуанито. Од клупата големиот Реал го водел легендарниот Вујадин Бошков.
Главно прашање пред тоа финале било дали Реал ќе може да ги задржи главните ѕвезди на Ливерпул? За тоа бил задолжен стоперот Хозе Антонио Камачо кој буквално ги кршел фудбалерите во црвено.
Првата шанса на мечот ја имал Ливерпул кога одличен шут имал Алан Кенеди но голманот Аугустин одбранил. Во добри позиции за гол биле и Мекдермот и Даглиш но нивните обиди не биле прецизни. После Реал Мадрид ја презел иницијативата, Камачо имал прилика да го отвори резултатот но Реј Клеменс одбранил.
Најдобриот играч на Реал во тој период, Англичанецот Лори Канингем кого шпанските навивачи го сметале за најголема надеж во финалето, не успеал да го доигра мечот поради повреда.
На полувреме се заминало без голови, а во 82’ минута паднал единствениот погодок на мечот. Сјајниот лев бек на црвените, Алан Кенеди (број 3) при еден продор начекал одбиена топка од Гарсија Кортез и распалил од прва со лева за прекрасен гол.
„Не мислев дека ќе дадам гол. Просто тргнав напред за да ослободам простор за останатите“, рекол јунакот на Ливерпул.
А малерозниот Гарсија Кортез кој ја одбил топката неспретно до стрелецот на голот, кога се вратил дома од Париз, решил да ја искрши видеокасетата на која неговото семејство го снимало финалето.
Судиската свирка за крај на тоа финале означила почеток на големо славје на илјадници навивачи на Ливерпул кој ја освоил третата европска шампионска титула во својата историја.
Во моментов црвените имаат 6 и се трети со Баерн Минхен зад Реал Мадрид кој е апсолутен владетел со 13 и Милан со 7 европски шампионски титули.
На 28 мај Реал Мадрид и Ливерпул ќе се сретнат повторно во Париз.