Каква Италија ја чека Македонија во баражот за Светско првенство 2022?

Европскиот шампион се лизна во квалификациите и од готово направи вересија. Долго време беа први на табела, имаа карта за Катар во рака, но кикснаа во финишот и Швајцарија им го зема првото место, а Аѕурите ги испрати во баражот.

Италијанските власти донесоа конечна одлука за олабавување на мерките во борба против пандемијата, па стадионот „Ренцо Барбера“ ќе биде крцат до последното место. 36.000 гледачи ќе го следат дуелот Италија - Македонија.

Оваа одлука, како што соопшти подсекретарката за спорт на Италија, Валентина Веѕали е донесена минатата недела за да се помогне репрезентацијата во историски момент.

Мечот се игра во четврток на 24 март од 20:45 часот. Главен судија на мечот ќе биде 39-годишниот Французин Клеман Турпан кој лани го судеше финалето на Лига Европа а често суди и во Лига на шампиони со помошницие Никола Дано и Сирил Гринжоре

Роберто Манчини се одлучи за овој натпревар да ги повика следните играчи:

Голмани

Алесио Крањо
Џанлуиџи Донарума
Пјерлуиџи Голини
Салваторе Сиригу

Одбрана

Франческо Ачерби
Алесандро Бастони
Кристијано Бираги
Леонардо Бонучи
Џорџо Кјелини
Матија Де Шиљо
Емерсон Палмиери
Алесандро Флоренци
Луиз Фелипе (натурализиран Бразилец)
Џанлука Манчини

Среден ред

Николо Барела
Брајан Кристанте
Жоржињо
Мануел Локатели
Лоренцо Пелегрини
Матео Песина
Стефано Сенси
Сандро Тонали
Марко Верати

Напад

Андреа Белоти
Доменико Берарди
Чиро Имобиле
Лоренцо Инсиње
Жоао Педро (натурализиран Бразилец)
Матео Политано
Џакомо Распадори
Џанлука Скамака
Матија Ѕакањи
Николо Ѕаниоло

Симболично кој е во пад на форма а кој оди во нагорна линија:

На 11 јули минатата година во еден од најважните натпревари во историјата на Италија, финалето на Европско првенство на „Вембли“ против силната Англија, селекторот Роберто Манчини се реши за следните 11:

Донарума, Ди Лоренцо, Бонучи, Кјелини, Емерсон, Барела, Жоржињо, Верати, Кјеза, Инсиње, Имобиле.

Од овие 11 долго паузира поради повреда Кјеза, повреден е и десниот бек на Наполи Ди Лоренцо, а неизвесни да го почнат мечот се и Бонучи и Кјелини кои поради повреди ги пропуштија последните дуели на Јувентус и дебаклот од Виљареал во ЛШ. (Кјелини одигра само 45 минути на мечот со Салернитана).

Во слаба форма е и голманот Донарума, главен кривец за испаѓањето на ПСЖ од Лига на шампиони кој во поразот од Реал Мадрид 3-1 направи голем кикс и влијаеше на пресвртот. Некогашниот голман на Милан и минатиот викенд направи голем кикс во поразот 3:0 од Монако, така што Џанлуиџи не е во идеален момент. Но и покрај тоа тој сигурно ќе стартува зошто Манчини најмногу му верува.

Во одбраната Бонучи и Кјелини се ровити така што стопери би можат да играат Ачерби од Лацио и Манчини од Рома, на десната бековска позиција шанса можно е да добие еден од Де Шиљо и Алесандро Флоренци, а лево Емерсон Палмиери или Кристијано Бираги.

Во средниот ред Манчини ќе биде на слатки маки зошто во сјајна форма играат Пелегрини (еврогол на дербито со Лацио), Тонали (командува со средниот ред на лидерот во Серија А Милан), неизоставниот Верати и Жоржињо од Челси.

Сигурен во нападот е Чиро Имобиле а крај него како на Европското би можеле како крилни напаѓачи да играат Инсиње и Берарди. Шанса од клупата ќе чекаат Белоти, Скамака, Ѕакањи па и натурализираниот Бразилец Жоао Педро.

КАКО ЌЕ СТОЈАТ ФОРМАЦИСКИ АЅУРИТЕ?

Манчини досега најчесто играше во дијамант формација, во ромб 4-3-2-1 со Имобиле како истурен шпиц. Ваквата поставеност одлично ѝ легна на Италија која блескаше на Европското првенство минатиот јуни и јули кога ја фасцинираше Европа со прекрасна игра.

Но апсолутниот состав на Манчини ќе претрпи измени со оглед на тоа што ги нема стандардните, десниот бек Ди Лоренцо, сенаторите Кјелини и Бонучи се ровити, а експлозивниот Кјеза исто е во аут долго време.

Играчи кои во моментов се во најдобра форма се стоперот Манчини од Рома и напаѓачите Доменико Берарди (14 гола и 10 асистенции во А) и Чиро Имобиле (со 21 гол на делба на првото место на листата на стрелци во А со Душан Влаховиќ).

Македонија можеби слабата точка во италијанската одбрана треба да ја бара на нивната десна бековска линија каде го нема одличниот Давиде Калабрија од Милан а во тимот е неговата замена во Милан, Алесандро Флоренци кој е во постојан пад на формата.

Моментумот може да се најде и во Алесандро Бастони кој не е навикнат во формација со тројца стопери затоа што веќе неколку сезони во Интер игра со четворица во одбрана, па за очекување е да се види како би се снашол во нова поставка.

Во среден ред би требале посебно да обрнеме внимание на Марко Верати, мотор, мозок и главен инспиратор на играта на Италија.

Италија во баражите низ историјата: Од мразот во Москва со младиот Буфон, до бламот со Вентура

22 март 2022 - 14:20